Се шири приказната за мизеријата во студентскиот „Гоце Делчев“

Од Imgur и Reddit, преку Business insider и Independent, па се до балканските медиуми се прошири веста за мизерните услови во најголемиот студентски дом во земјава „Гоце Делчев“.

Гоце Делчев

Само на Imgur, каде за првпат беа објавени фотографиите од домот, инаку добро познати за македонската јавност, има околу илјада коментари со кои луѓе од цел свет покажуваат дека се згрозени од тоа што се случува во овој дом, од влагата, пукнатите цевки и дотраените тоалети, па се до храната која ја добиваат студентите.

„Иако не е дел од универзитетите, комплексот обезбедува сместување за над 1000 студенти за 55 евра месечно. Додека фотографиите зборуваат само за себе, појаснувањата под нив откриваат колку е навистина ужасно да се живее таму“, пишува Business insider и ја покажува фотогалеријата на Imgur. Со слични зборови и наслов „Пекол за живеење: Во ужасниот македонски студентски дом – каде што ѕидовите се зелени и храната е црна“, состојбата ја пренесува британски Independent.

Расте и бројката на коментари на Reddit, а приказата за студентскиот дом не ги одмина ниту балканските медиуми. Хрватски Danas, пишува дека сликите се стравотни, тузлански Info portal го нарекува „Гоце Делчев“ – најодвратниот студентски дом на Балканот, а српски Telegraf ги повикува читателите да „ги погледнат животинските услови во кои се школуваат Македонците“.

Фото сторијата за домот се споделува и по светските и балкански студенски мрежи, главно преку Фејсбук и Твитер. Синоќа, повеќемина студенти од „Гоце“ тврдеа дека бил блокиран бил пристапот на Фејсбук за студентите од домот, покажувајќи ја сликата подолу.

 „Гоце Делчев“

На ова реагираа од Македонски Телеком од каде посочија дека компанијата не го прави блокирањетo.

„Недоразбирањето настанало затоа што софтверот кој го користи крајниот корисник е од Телеком и е соодветно брендиран.За да не дојде до забуни, компанијата го замени своето лого со логото на корисникот на сервисот“, се наведува во соопштението на компанијата до Излез откако претпладнево почна да се споделува и оваа слика:

[Обновено] Се шири приказната за мизеријата во студентскиот „Гоце Делчев“

„Креативците“ пак во меѓувреме се пошегуваа додавајќи „антика“ во ентериерот на домот, а укажувајќи на парите потрошени за проектот „Скопје 2014“ наспроти мизеријата во домот.

студентски дом во земјава „Гоце Делчев“

Ниту за „кромид“ вестите оваа фото сторија не помина незабележано, а Брејкинг нет објави текст со наслов: Холивуд полуде по студентскиот дом Гоце Делчев!.

Најавите за реновирање на студентскиот дом зачестија по пожарот кога во студентскиот дом Гоце Делчев целосно изгоре една соба на приземјето, а осум беа оштетени. Собите беа во очајна состојба, неколку студенти во пожарот изгубија се што имаа, а оваа случка по којзнае кој пат го отвори прашањето, колку се безбедни и во какви услови и живеат македонските студенти.

Студентскиот дом „Гоце Делчев“ е изграден пред четириесетина години, а како што забележува архитектот Георги Константиновски, еден од проектантите на домот, оттогаш е оставен на забот на времето.

„Државата треба да ги поддржува студентите и студентскиот дом припаѓа на државата, државата е таа што треба да води грижа за да се одржува тој објект. Јас сега и би препорачал бидејќи имаме милијардери во нашето општество нека преземе еден студентски дом, барем еден блок да го реновира за да го врати во онаа состојба кога беше нов“, цврсто проговори Константиновски во интервјуто дадено пред неколку месеци за Радио МОФ.

J.J.