Во центарот на Белград, на разни локации оваа сабота (28 септември), за кога е најавена „Парадата на гордоста“, ќе има уште седум јавни собири кои кај полицијата ги пријавиле противниците на оваа манифестација.
Јавни собири најавиле десничарските „Српски образ“, „Наши“, „Заветници“ и неколку други организации и поединци, чии претставници изјавиле дека сакаат мирно и достоинствено да ги организираат овие собири.
Тие на конференција за печат побарале од властите да го забранат одржувањето на „Парадата на гордоста“, која ја нарекуваат „Парада на срамот“ за српскиот народ, а ги повикале граѓаните да им се придружат.
„Не постои ниту една причина власта да го дозволи одржувањето на ткн. „Парада на гордоста“, а да ги забрани останатите собири“, изјави Младен Обрадовиќ, претседателот на „Образ“.
Тој навел дека сите собири се уредно пријавени во полиција, во согласност со законот и додал дека организаторите сакаат „на мирен, православен и достоинствен начин“ да ги искажат своите определби за семејните вредности.
Годинешната „Недела на гордоста“ во Белград е одбележана со низа манифестации, кои треба да завршат со прошетка на членовите на ЛГБТ-заедницата, нивните поддржувачи, претставници на дипломатскиот кор и српски политичари во сабота.
ЛГБТ-активистите се обидуваат да ја организираат„Парадата на гордоста“ во Белград уште од 2001, но таа ниту еднаш, освен во 2010, не е успешно одржана. Настанот во минатото беше поприште на жестоки судири и насилство меѓу припадниците на десничарските здруженија, навивачите и полицијата.