Од Советот за етика во медиумите (СЕММ) информираат дека од потпишувањето на Повелбата за етичко известување, до Комисијата за етика при ова тело се пристигнати околу 80 жалби.
Во последната година и половина, пак, колку што постои СЕММ, поднесени се вкупно 130 претставки. Од нив најголем дел се однесуваат на прилозите објавени во порталите.
СЕММ потенцира дека речиси и да нема претставка во која не е наведено дека во текстот ја нема втората или третата страна. Исто така, забележано е мешање на мислења со факти, давање коментари без факти, а се уште присутен е и говорот на омраза.
Оттука, Советот апелираше до медиумите за време на претстојниот предизборен и изборен период да известуваат објективно и професионално според основните принципи на новинарското работење.
„Во интерес на етичкото и професионалното работење очекуваме медиумите да не се претворат во разгласни станици на политичките партии, а со јавноста е потребно да комуницираат редовно и да информират квалитетно за сите политички процеси и актери во изборниот процес“, истакна Марина Тунева, извршен директор во СЕММ.
Таа потенцираше дека помина повеќе од половина година откако (од 98 медиуми) беше потпишана Повелбата за етичко известување на изборите, а претставките се уште стигнуваат. „Наместо да се подобри состојбата во медиумите, таа е влошена“, изјави Тунева.
СЕММ изрази очекување дека и јавниот радиодифузен сервис, како репрезент на јавноста и јавниот интерес и во согласност со препораките од Европската радиодифузна унија, ќе има важна улога за време на изборите и во предизборната кампања. „Очекуваме да се исполнат заложбите за придржување кон етичките и професионалните стандарди на МРТВ преточени и во неодамна усвоените Насоки за етичко и професионално известување за изборите“, нагласи директорката на Советот за етика.
„Ги повикуваме медиумите да се држат до својата главна обврска, да информираат, да не ги лажат граѓаните, да им дадат простор на сите учесници во политичката сцена и да се отвори дебата пред јавноста“, истакна Драган Антоновски, претседател на Управниот одбор на СЕММ.
Од СЕММ е донесена одлука оние медиуми против кои ќе бидат поднесени жалби и нема да ги почитуваат опомените, да бидат исклучени од Советот за етика во медиумите.