Шарена револуција: Нема веќе да не гледаат од шест, но ќе нè гледаат секој ден

„Нема веќе да не гледаат од шест, но ќе не гледаат секој ден – се посилни. Од 6 јуни веќе ништо нема да биде исто!“, порача Шарената револуција вечерва за време на протестот пред Собрание.

Според демонстрантите, дојде време да се стави крај на кризата во Македонија. Тие најавија дека од понеделник, на 6 јуни, точно пет години од убиството на Мартин Нешкоски, ќе соопштат нивен план за излез од кризата, со цврсти рокови, од кои, како што нагласија, нема да отстапат.

Студентот Демијан Хаџи Ангелковски рече дека после два месеци неуморно протестирање дојде време граѓаните порадикално да се спротивстават на криминалното владеење. Тој нагласи дека годишнината од смртта на младиот Нешкоски ќе добие уште поголемо значење.

„Во понеделник соопштуваме бескомпромисен план за излез од кризата, со цврсти рокови од кои нема отстапувања. Ја повлекуваме црвената линија! Од понеделник одбројуваме! Кризата траеше доволно долго! Во понеделник, граѓаните ќе кажат како ќе ја надминеме!“, рече Хаџи Ангелковски.

Свое обраќање имаше и директорката на Институт за европска политика  Малинка Ристевска-Јорданова, која вели дека ќе бидат потребни многу енергија и напор за да се вратат инсититуциите на граѓаните.

„Ние овде, сите шарени, различни, треба да покажеме дека тоа го умееме затоа што нас не обедиинува вербата дека сите сме еднакви пред законот, дека на сите ни припаѓа правото да бидеме еднакви, а да не бидат некои поинакви од нас. Ни треба волја, енергија организација, но најмногу од се, да бидеме заедно, затоа што веруваме во истите принципи“, рече Ристевска-Јорданова.

Говор одржа и политичкиот аналитичар Ѓунер Исмаил, кој рече дека е горд што во иднина ќе може да им раскажува на своите поколенија дека протестирал со вистинските луѓе. По неговото обраќање следуваше нова тура боја за Собранието од рачниот катапулт на „командосите“.

Протестот и денес започна во 18 часот пред СЈО, од каде со главниот слоган „Вие кривични а ние похрабри“ демонстрантите се упатија кон Влада, за повторно да ја обојат со помош на импровизираните чатали и притоа испишаа „Обоени ви се деновите“.

На денешниот протест се придружи и жена преправена во гатачка, алудирајќи на аудио снимките што протекоа во јавноста, каде се слуша разговор помеѓу поранешниот премиер Никола Груевски и жена која наводно му ја претскажува иднината.

НОВО ШАРЕНИЛО ВРЗ БЕЛАТА ФАСАДА НА ВЛАДА, НА ПРОТЕСТОТ СЕ ПРИКЛУЧИ И „ГАТАЧКАТА“

Протестите започнаа на 12 април, по одлуката на претседателот Иванов да аболира 56 политичари и функционери, кои се сомничат за сторен криминал. Граѓаните два месеци бараат, меѓудругото, оставка на претседателот, поништување на аболицијата, вклучување на граѓански претставници во преговорите за излез од кризата, но и формирање преодна влада која треба да создаде услови за фер и демократски избори. Досега е исполнето само едно барање за одложување на изборите од 5 јуни.