Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа седмица, прочитај го нашиот избор на топ вести што ја одбележаа изминатава недела, овој пат со повеќе фокус на граѓанскиот активизам:

1. [Мегафон] Вело-бусот возеше за да потсети дека треба да се сменат навиките и велосипедската инфраструктура

Качени на точаци и опремени со кабаници, капи и водоотпорни јакни, група млади и не-толку-млади велосипедисти го возеа третиот вело-бус во скопската општина Центар, како дел од Европската недела на мобилност.

Овој вело-бус застанува од станица до станица, но, наместо како автобусите на постојките, тој собираа деца и родители кои возат накај градинка и училиште. Попатно, зависно кој каде живее, се симнува пред зграда и приклучува на групата со својот точак, тротинет, ролшули или друго превозно средство на свој погон.

[Мегафон] Вело-бусот возеше за да потсети дека треба да се сменат навиките и велосипедската инфраструктура

2. [Интервју] Иван Јовановски, активист: Луѓето кои мачат и убиваат животни треба да одговараат кривично и да одат во затвор

„Уличните кучиња секогаш имаат причина за секоја нивна карактеристика. Сите малтретирања, напаѓања, тепања, бркања и уште што не, за жал влијаат врз нив и кога-тогаш тие се осврнуваат кон останатите граѓани. Дефинитивно треба да се промени целосната перцепција на луѓето за нив. Не можеме да ги спасиме сите, но можеме полека-полека да ги промениме работите и да ја намалиме бројката“. 

Вака размислува Иван Јовановски, 19 годишен активист за бездомни животни од Богданци кој своето детство, тинејџерство и младост ги минува помагајќи им. Член е на гевгелиското здружение „Нала дог рескју“ и спасител на многу „исфрлени, дехидрирани, слаби, со муви и болви, катастрофални“ животни од магистрални патишта, автопати, околни села, ридишта, депонии, брани… Досега се изнагледал и соочил со сѐ и сешто, а летово првпат достигигнал и бројка од 15 кучиња во двор. Поминал многу додека да прифати дека, како што вели, „повеќето просто не сакаат да изнајдат хумано решение и имаат монструозни погледи за проблемот наречен ‘кучиња скитници’“.

[Интервју] Иван Јовановски, активист: Луѓето кои мачат и убиваат животни треба да одговараат кривично и да одат во затвор

3. „Заслужуваме да студираме“ – порачаа студенти со протестна уметничка акција во кампусот на УКИМ

„Собирам пари за ФИНКИ зграда“, „Собирам пари за обнова на професорски кадар“, „Продавам затоа што заслужувам да студирам“, „Продавам за кровот да не протекува“ се дел од пораките кои денес беа истакнати над книги, фото-апарати, патики, тенџериња и други присобрани предмети кои се најдоа на патот кон Филозофскиот факултет во Скопје.

Дваесетина студенти утрово на општествениот кампус на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ поставија протестна уметничка инсталација со транспаренти и лични предмети или мала покуќнина што беа „на продажба“. Преку тоа тие го искажаа своето незадоволство и потреби за достоинствено студирање на најстариот универзитет во земјава.

„Заслужуваме да студираме“ – порачаа студенти со протестна уметничка акција во кампусот на УКИМ

4. Ако сакаме инклузивно образование, требаат и инклузивни школи

Образовните асистенти годинава подоцна влегуваат во основните школи. Некои родители се’ уште чекаат да поминат и вторите огласи на ресурсните центри за да добијат поддршка за своето дете со атипичен развој, додека самите асистенти засега остануваат со договори на определено време. Но, асистентите се само парче од инклузивниот мозаик во Македонија. Школите на глава имаат куп проблеми како да ја тераат инклузијата, им недостасува едукација, буџет и инфраструктура, за да може целиот процес да „застане на нозе“. 

Радио МОФ контактираше со разни школи низ земјава.

Ако сакаме инклузивно образование, требаат и инклузивни школи

5. [Видео] Во Охрид продолжува традицијата за рачна изработка на хартија по древна кинеска постапка

Над 20 години, во Охрид рачно се изработува хартија, по постапка од Кина од 2. век п.н.е. Ваквиот начин на изработка на хартијата е реткост во Европа и воопшто во светот, а работилницата е единствена во Македонија, па затоа има интерес и од туристи.

Работилницата е реконструкција на тоа како изгледал начинот на изработка на хартија во Охрид на средината на 16. век во манастирот Свети Наум.

[Видео] Во Охрид продолжува традицијата за рачна изработка на хартија по древна кинеска постапка

Бонус вести: 

1. [Став] Еден образовен систем: За некои ученици таблет уреди, за други лимени бараки

Пишува: Ангела Бошкоска

Учениците Македонци од прво до петто одделение, во тетовското село Непроштено повеќе од 20 години учат во модуларно училиште, направено од лимени контејнери кое од привремено полека станува трајно решение за паралелките на македонски јазик. По десниот тек на реката Тополка, велешко и движејќи се кон централниот дел на земјава во селото Чашка се наоѓа училиште во кое на учениците Албанци не им е дозволено да учат на нивниот мајчин јазик. Албанските паралелки од прво до петто одделение наставата на албански јазик се обврзани да ја следат во џамија во селото Бањица. Скопската општина Аеродром на четвртоодделенците во ООУ. „Ѓорѓија Пулевски“ на почетокот на школската година им додели таблет уреди. На доделувањето присуствуваше и акуелната министерка за образование. Учениците, во можеби најсовременото основно училиште во државава „Киро Глигоров“ во Скопје, првите часови не можеа да ги одржуваат поради горештината што влегува преку фасадата од прозорци. Први септември годинава доцни за некои ученици кои сè уште ги чекаат образовните асистенти за да посетуваат настава. Тоа најверојатно ќе биде до 1 октомври.

[Став] Еден образовен систем: За некои ученици таблет уреди, за други лимени бараки

2. [Галерија] Креативните средношколци од „Шаип Јусуф“ денеска цртаа мурал во дворот на училиштето

Десетици средношколци со четки и бои во рацете денеска го разубавија со мурал можеби последното слободно место на ѕидовите во дворот на нивното училиште „Шаип Јусуф“ во скопско Шуто Оризари. Други пак, активно го слушаа Ѓорѓи Кушевски како ги советува за иднината и кариерниот пат.

Денешната младинска уметничка акција беше своевидна прослава за успешната реализација на проектите во рамки на училиштето, во соработка со Едукативниот центар „Генијалци“, преку кои во просторот таму се организираа курсеви за млади лица до 29 години. Како што посочи Доан Сулејмановски, директорот на училиштето, тежиштето на денешната акција беше ставено на курсевите по младински активизам каде учениците од „Шаип Јусуф“ и од опкружувањето на Шуто Оризари слушаа обука за развивање на младинскиот активизам, креативност, проектен менаџмент и развивање ученички активизам. По обуката младите добиле финансиска можност да ги реализираат трите најдобри идеи.

[Галерија] Креативните средношколци од „Шаип Јусуф“ денеска цртаа мурал во дворот на училиштето