Со Денот 1 започна и официјалната програма на фестивалот. Главната сцена броеше рекордни бројки во посетеност на настапите на ,,Imagine Dragons”, ,,Placebo”и ,,Skrillex”. Сцената А38 понуди музички диверзитет, на кој имаа импресивни настапи ,,Tom Odell”, ,,Miles Kane” и ,,Imagine Dragons”.
Програмата на Главната сцена започна во 16 часот, каде што честа да ја отвори му припадна на младиот ,,Jake Bugg”, кој со неговиот специфичен глас и музика ја размрда публиката. Неговиот настап заврши со неговиот најголем хит ,,Lightning Bolt”.
После неговиот настап, се случи феноменален сценски настап на ,,Imagine Dragons”, каде што беше комплетно преполнета главната сцена, на која се вееа знамиња од целиот свет. Како за крај ги чуваа нивните најголеми хитови, ,,Top of the World” и ,,Demons”, но нивниот настап го крунисаа со изведувањето на ,,Radioactive”, изведба која предизвика морници меѓу фановите.
Посетителите со своите знамиња беа однапред поготвени за Забавата со знамиња. Организаторите имаа спремено повеќе од 10.000 знамиња во сина и жолта боја и на одбројување од сцената сите во исти момент ги развеаа знамињата под мотото: Сите сме исти и сме еден народ.
Хедлајнери на вечерта беа ,,Placebo” и ,,Skrillex”, со зборовите на Брајан Молко: „Чести посетители сме на фестивалов, дури од деведесетите доаѓаме, и не верувам дека некогаш ќе престанеме да го правиме тоа“. На нивната сет листа се најдоа речиси сите нивни големи хитови, како на пример: ,,The Bitter End”, ,,Special K”, ,,Every you, Every me” итн. На самиот крај, се вратија на бис со три песни, меѓу кои се најде и преработката на ,,Kate Bush”, ,,Running up that hill”, како и хитот од 2006та ,,Post Blue”. Настапот го завршија со мега-хитот ,,Infra-Red”.
Американскиот диџеј ,,Skrillex”, ја имаше честа да ја затвори сцената и во неговиот случај беше исто како и на сите други изведувачи пред него, сцената беше преполна. Сценскиот настап беше проследен со одлични визуелизации и ласерско шоу. Меѓу песните што се најдоа на неговата сет-листа беа неговите хитови: ,,Scary Monsters and Nice Sprites”, ,,First of the year (Equinox)” и многу други.
Паралелно со настапот на ,,Placebo”, на А38 сцената имаше многу емотивен настап на ,,Tom Odell”, особено при изведбата на песните ,,Grow old with Me”и ,,Another love”. Замената за ,,London Grammar”, ,,Clean Bandit” беа полн погодок. А38 беше преполна на нивниот електро звук, потпомогнат од виолина и виолончело. Настапот го завршија со изведбата на првиот нивни број еден хит, ,,Rather Be”.
Денес на програмата не очекуваат одлични настапи на ,,Bastille”, ,,Lily Allen”, ,,Macklemore & Ryan Lewis”на Главната сцена и на А38 се ,,Bonobo”, ,,Stromae” и ,,Kavinsky (Live)”.
За Радио МОФ од Будимпешта,
Николај Митрески и Ана Ристевска