Кучињата ќе се тренираат и ќе бидат користени како јавен транспорт. Тоалети ќе се инсталираат на влезот од секоја зграда. Центарот на Приштина ќе биде домаќин на трки од Формула 1.
Ова се само дел од ветувањата на „Силната партија“ која ќе се натпреварува на локалните избори во Косово кои ќе се одржат овој месец. Партијата секојдневно се наоѓа на насловните страници на весниците, поради нејзината промотивна кампања за градоначалничкото место на Приштина и Советот на градот, богата со хумор и многу сарказам.
Нејзиниот ирелевантен пристап, се чини дека привлече големо внимание кај младите во Приштина, како и кај циничниот електорат, кои можеби ќе и овозможат барем неколку места во советот, како и поплочување на патот кон следните парламентарни избори.
Кандидатот за градоначалник на партијата, Висар Арифај, кој себеси се нарекува „легендардниот претседател“, со многу искреност говори за неговите први приоритети откако ќе стане градоначалник на Приштина.
„Како и сите други градоначалници, мој приоритет ќе биде реновирање на мојата канцеларија. Се разбира дека ќе фрлам се што е во канцеларијата во моментов, почнувајќи од столицата, другиот мебел, компјутерите, автомобилите… Ова ќе ми биде прва задача кога ќе станам градоначалник“, вели Арифај.
За огромната невработеност на земјата која изнесува 40 проценти на пример, „Силната партија“ верува дека вистинскиот проблем не е во невработените, туку во оние 60 проценти што се уште работат.
Арифај вели дека тој е вознемирен што само на Црногорците им се даваат стереотипи дека се мрзеливи. „Луѓето во Косово исто така се мрзеливи и тие треба да бидат ценети поради тоа“. Партијата има зацртано цел да се постигне стопроцентна невработеност.
Во моментов нема официјални податоци за тоа колкава е поддршката на оваа сатирична партија, но некои проценки одат до таму што и даваат можност да освои од 4 до 7 проценти од гласовите на изборите.
Партијата е формирана и регистрирана во јуни годинава, а веќе 61 илјада луѓе ја лајкнале на Фејсбук. Дополнително, личната Фејсбук страна на Арифај има околу 28 илјади лајкови, објави Радио Слободна Европа.