Невработеноста, желбата за подобро образование, сиромаштијата, потребата за почист воздух, департизирани институции, функционален судски систем, се само дел од причините поради кои младите луѓе си заминуваат од Македонија. Радио МОФ во следните неколку месеци, под хаштагот #СиОдиме, со текстови, дебати, видеа ќе го известува за овој проблем. На оваа страница ги пренесуваме и сите текстови кои ќе учствуваат на наградниот конкурс за најдобар текст на оваа тема на Радио МОФ!
Следете нѐ!
Награден конкурс за најдобaр текст #СиОдиме
Многу често се наоѓам себеси полн со бес, гнев, немоќ. Како да не посакам да си одам? Сакам да си одам од земја која буквално ја поседуваат неколкумина луѓе и ја носат во бездна. Каде што човек може да си дозволи да биде криминалец, а да не биде казнуван. А каде што обичниот човек не може да си дозволи да живее, туку само да преживува.
Ова е многу долга тема за пишување. Нема да ги наведувам сите причини поради кои си одиме од земјава, за најголемиот дел од нив сме свесни сите. Сакам да се задржам само на моменталните. Моменталните причини, се разбира, се најмногу од политичка природа. И веднаш ќе ве прашам. Добро, нели ве погодува она што се случува околу вас? Немате ли некаков внатрешен порив за правда, за слобода? Свесни сте нели, дека со вашето молчење и одбрана на сопствениот леб сте соучесници и нè туркате сите во пропаст? За што живеете вие, за што се борите? Знаете дека желбата на секој втор млад човек во оваа земја (да не речам на речиси секој) е да замине од истата? Сакате да се гледаме исклучиво преку екран?
Ве боли ли кога ќе помислите дека и вашето дете може „малку да го удрат“ на некој плоштад? Или може да остане „малку заборавено“ во некој фонд или на некој распартален кревет? Ох, заборавив, вие ги лекувате вашите деца на приватно. И секогаш кога овде ќе згусне ги испраќате надвор и им велите да останат таму. Од проста причина што вам ви „крцка ќесичето“.
Ајде, како што го одврзувате ќесичето за да го наполните, одврзете го и јазичето за да гукнете. За правда!
Оти сите сносиме општествена одговорност (но вие си ја отпишувате). Обврзани сме како граѓани на оваа земја да се бориме за општото добро (за вас непознат поим).
Мојот впечаток (како и на многу други луѓе) е дека во Македонија се случува цивилизациски судир. Судир на учените со неучените или недоучените. Судир на квалитетот со квантитетот. И дека сè е измешано, и држава и партија и парламент и влада и судство и компании и пазар… Ни ред, ни поредок. Извинете, но јас не сакам да живеам во таква земја. Во таква земја нема напредок.
Да си признаеме дека скоро да не постои поле во коешто не сме катастрофални како земја. Ни требаат коренити промени. И во размислувањето и во дејствувањето. Не ни требаат повеќе факултети, знаеме за што им служат. Ни требаат вистински факултети.
Оваа агонија, ова тотално лудило и мртвило во исто време, мора да престане. Пред да преминеме од категоријата „загрозен вид“ во категоријата „исчезнат вид“.
Единствено што ме теши и храбри е онаа искра што ја носат многумина и кои заедно прават еден силен пламен. А сивилото го заменуваат со сите бои. Тоа се луѓе кои останале при свест и сè уште прават разлика помеѓу доброто и злото. И го креваат својот глас. Без срам и без страв. Секоја почит за тие луѓе. До бескрај ги поддржувам и сум со нив.
И најискрено, засега останувам, а опцијата „си одам“ останува отворена.
Ако земјата оди во неповрат, тогаш на младите не им останува ништо друго освен да ја следат својата земја и да заминат, во неповрат!
Неповрат
Награден конкурс за најдобaр текст #СиОдиме
Се родивме и растеме во земја во која политиката е главна тема, земја на ниски плати и уште пониски идеали. Ова е апсурдна земја во која нè моделираат да станеме сите исти, да целиме кон просечни цели. Диплома и сигурна работа, кола и стан и две деца, летување и еден јануарски викенд во Банско. Ако можеш да си го дозволиш ова и приватен курс по англиски јазик два пати неделно за твоите деца, имаш сè. Целите се исполнети, а ти почнуваш да старееш чекајќи го повисокиот стадиум од животот: ревматизам во коските третиран со едно бесплатно скијање и две седишта во автобус, едното за тебе, другото за твоите торби. Средношколците се малолетни, тие ќе стојат, тие сè уште немаат право на глас.
Ние растевме во оваа земја, боевме боенки и пишувавме песнички. Тука ги направивме првите чекори, научивме да возиме велосипед; тука си игравме лекари, професори и адвокати; тука крадевме цреши од туѓи дворови; тука ги добивме првите петки и првите единици, славевме матура, се вљубивме, се разочаравме; тука ни се другарите и мама и тато и бато и кучето. Тука е нашето дома за кое гинеле Гоце и Јане, тука ни се спомените, тука во пролет мириса на јоргован. А сепак…? Сепак би заминале.
Да, ние би заминале зашто овде боенките се бојат во партиски бои, овде не може да се вози велосипед, воздухот е сив. Си одиме затоа што лекарите пијани оперираат, адвокатите бранат фиктивна правда, а наставниците ги заклучуваат вратите на гимназијата тогаш кога се брани слободата. Си одиме затоа што не сакаме да полагаме екстерни тестови, бедни се. Си одиме во името на сите решени интеграли и матрици кои се дрзнаа да ни ги оценуваат со пет прашања на заокружување… пет. Си одиме зашто овде се оди во затвор за крадење цреши, а се простуваат убиства. Си одиме и поради „Дамата со Марама“ и „Фатмаѓул“. Ние си одиме зашто Драган Вучиќ останува. Си одиме зашто Миленко има право на глас, а тој тврди дека земјата е рамна. Си заминуваме за да им ја отстапиме сцената на Цеца и Стоја. Си одиме зашто овде идоли на гимназијалците се учесници во „Велики брат“ и „Звезде гранда“. Си одиме заради тоа што ако не си пленум во Македонија ти си етикетиран како ВМРО, а ако си, е тогаш мора да си СДСМ… плитко. Си одиме зашто во зима во „Гоце“ дуваат ветришта. Си одиме заради бродовите, ајкулите и палмите, заради бабите кои „спонтано“ се собрале да чистат картон со киселина. Си одам затоа што ги открија гравитациските бранови, а топ тема во Македонија беше дебатата меѓу Латас и Заев. Си одам заради пушките под прозорците на Куманово… Погнили сме и од корените на Хамлетовото кралство.
Си заминуваме зашто овде растеш и добиваш шлаканици од животот, овде нема поента да си поет, писател, филозоф, актер, новинар… Или ќе запишеш правен или ќе станеш полицаец. Си одиме зашто овде нема пари, а парите купуваат струја и вода и антибиотици… Парите купуваат чоколади. Си одиме заради меланхолијата во очите на мама и бато. Си одиме и ќе си ги земеме другарите со нас. Си одиме, не зашто некаде во светот нè чекаат со раширени раце, не зашто некаде во светот тече мед и млеко, туку зашто овде тече крв. Бегаме како што бегаат мигрантите од Сирија… И немате право да ни судите. Бегаме од нашето дома, затоа што сè уште сме млади и соништата ни се поважни од спомените. Немојте да ни судите зашто бараме поинаков свет, макар на друга планета… Свет во кој има поента да се дискутира за правда и неправда, свет во кој се дебатира за теоријата на релативност, за наноматеријали и фрактали, за поезијата на Пушкин, за Ана и Вронски, а не за Заев и Груевски. Еден поинаков свет, макар на друга планета, свет на наука и уметност… Свет во кој утрата не се премногу сиви, а сепак мирисаат на јоргован.
Наталија Тасевска
Награден конкурс за најдобaр текст #СиОдиме
Ова прашање е многуслојно и има милион гледишта, па некои ќе речат вака, други така, и на крајот (ќе го опнам она клише) 500 збора се премалку за да се објасни феноменот.
Како писател на текстов, неблагородно би било да пишувам во име на оние кои живеат, или се иселиле, од Виница или Кратово или Пехчево или Делчево. Затоа ќе пишувам од аспект на моето локално поднебје наречено Битола.
Најпрво би направил поделба на иселувачите на два вида:
- Првите ќе ги наречам жедни за живот. Оние кои трагаат по исполнување и реализирање на својот професионален апетит. Оние кои се жедни да ги докажат своите способности и таленти, и да остават трага од која идните поколенија ќе имаат полза.
- Вторите, за жал помногубројни, се оние кои сонуваат за преку ноќ да го достигнат “америчкиот сон”.
Поради лични причини ќе почнам од вторите.
Пласманот на привидниот луксуз, кој ни’ го сервира Америка и анкл Сем, преку медиумите, лесно ги подгрева ниските страсти на многу млади. Да се биде успешен е исто што и да се биде богат. Да се стане мафијаш “намбр уан” или полуписмен глумец, па преку ноќ да станеш славен со пари и жени. Е тука настанува тој конфликт – од една страна е совршената слика за брза и обилна заработка во СРАНСВО, заедно со сите аранжмани за работа кои ти ги нудат нашите агенции, а од друга страна го имаш овој насушен систем, кој потхранува само определен број фаци и нивните подлизурковци. Одлуката е тешка, ама ај ќе се пробаме. Е, ама кога ќе стигнеш отаде водата, ќе видиш дека MTV е само маска на она што е реалност. Лилаво-розевите светла и истурените панталони веќе се резервирани. Требало да се работи, мајката! Е, треба. И не е лесно ко шо мислевме. Е не е. ‘Рмбај за нивен профит. На нашки – работи ко амал. И пак заработи повеќе одошто тука да си најреномиран хирург или инженер. Епа зошто да учам или да седам овде, кога можам од таму да го веам шеснајсекракото и да ја пеам “Македонија сета да е”? Преку ноќ тие ванаби мафијози, станаа измеќари на западниот систем, ама секое лето можат да се вратат тука во родната им грутка, со најновите брендови купени од аутлетите. А ти си учел, си напреднувал, си помагал, си развил свест за култура и екологија и ред други апстракции, она што си го работел си го изработил успешно и со цело срце и душа, и пак две иљадарки за патики ти се многу.
За првите има многу што да се зборува. Потенцијалот кај нив е огромен. Електричниот набој е незадржлив. Ако не успеат да го истрошат, ќе експлодираат, и предвреме ќе си одат од овој свет. Бистри и сјајни какви што се, со цело свое знаење и креативност, никако не успеваат да се продрат низ лавиринтите на нашите ни’ институции, и да се потчинат на некои закони кои ги диктираат малите умови (а само тие можат да ги променат работите на поарно). А па и да се пробиеш, шо? Напредок нема. Заглавен си во мртва точка од самиот твој почеток. Градежниците градат еден тип куќи, еден тип згради, еден тип мостови (се’ по едно), хирурзите прават неколку операции (освен во нашата ни’ “престолнина”), докторите препишуваат неколку типа лекови, актерите и режисерите сепак сонуваат за Бродвеј, Холивуд, Бољшој, опера немаме, балет немаме, филмски град, демек, имаме. Универзитетот губи во секој поглед, а квази професор-доктори се накотија колку ти душа сака. Единствени “едукативни” презентации во градот се оние на Лајонес, ама и тие некако проретчија. Новинарство скоро и да нема (со исклучоци). Се појавија елитни здруженија со помпезни балови, без никакво фајде. Се’ на се’ заглавени сме во една тиња, благодарение на медиокритетните суштества, чијашто визија не оди многу подалеку од нивниот нос. И така нашите скромни умни глави, си ги собираат парталите и си ја пробуваат среќата во други земји, поладни во климата ама потопли во душата. Каде се чувствуваат добредојдени и сакани, каде се почитуваат и нивните лични и нивните професионални права. Ја разлеваат својата потенција со напон од милион волти. Градат колосални мостови, прават најсовремени операции, испитуваат, експериментираат, создаваат и креираат. Ја добиваат онаа сатисфакција која е врвот на човечкото битие и стои рамо до рамо со љубовта – самостојната афирмација и чувството на продуктивност. Оти без ова, љубовта не може да се роди ниту пак да опстои.
Небиднина другари. Тоа е причината зошто нашите млади се раселуваат. Додека владеат правилата на небиднината кои се темелат на поделеност по партиски и разни други основи, младината својата среќа ќе ја бара надвор. И да, ќе ја најде, зашто домот е онаму каде што си исполнет. А Македонија ќе стане една голема викендица.
Џ.
Награден конкурс за најдобaр текст #СиОдиме
Петчлено семејство, дедо вдовец, невработени родители, ќерка средношколка и ти, 25 годишниот син кој уште живее со неговите во стан од 40 квадрати. Живеете од пензијата на дедо ти, која често знае да доцни, па лесно избувнуваат расправии околу тоа кој ќе оди да бара пари на заем за да имате што да јадете, за кратко, додека стигне пензијата. Не ти текнува кога последен пат си потрошил пари за нешто што не било храна, дупнати патики, стари панталони и маичка, а за поладни денови пристојна јакна која што вујко ти ти ја има подарено како награда за дипомирање, тоа е од прилика сè што имаш.
Петок, уште еден обичен, врнежлив ден, се враќаш дома по целодневно барање работа, безуспешно, утре ќе пробаш пак, мора да има нешто. Од соседната соба ја слушаш караницата на твоите, а сестра ти со тажен глас ти раскажува како сака да оди на роденденот на другарка ѝ, каде што ќе биде целиот нејзин клас, ама нема пари. Немаш како да ѝ помогнеш, пензијата на дедо ти не успева да ги задоволи ни основните потреби на семејството, а и знаеш дека веќе неколку месеци доцните со сметките. Ја тешиш ветувајќи ѝ работи за коишто и самиот знаеш дека нема да се случат, објаснуваш како еден ден ќе може да си дозволи сè што ќе посака и дека нема секогаш да бидете сиромашни.Бесен си и очите ти се насолзени, но не ѝ дозволуваш да го види тоа, мораш да ѝ олесниш, само тебе те има, твоите оддамна потонале во апатија и на cè реагираат сосема ладнокрвно.Во тие моменти се јавува другар ти, велинекоја трафика бара продавач, за мали пари, но барем е нешто. Прифаќаш, не е баш тоа што си го имаш замислено како за дипломиран правник, ама знаеш дека нема да најдеш подобро, почнуваш од утре.
Работиш секој ден, ти си единствениот работник, шефот ти објаснува како би сакал да ти даде слободен ден во неделата или барем во месецот, ама трафиката слабо работи, а ако го направи тоа, ќе затвори. Ах, колку смешно звучат сите оние работи што си ги учел по трудово право, законскиот максимум за 40 часовна работна недела, задолжителниот неделен одмор и правото на годишен одмор, не си ни пријавен. Поминуваат три долги години, сè поретко ги гледаш твоите, ама барем не должите веќе никому, речиси сите сметки ви се подмирени, а и патиките не ти пропуштаат. На работа имаш доста време за размислување, луѓето слабо купуваат, па читаш весници и ја следиш политичката состојба во државата. Одиш на протести кога можеш, веруваш дека вреди да се бориш, таму ги среќаваш другарите и сфаќаш дека ве мачат исти проблеми.
Истоштен си, секоја недела испраќаш по некој другар во странство и често размислуваш дали ќе живееш вака до крајот на животот. Би сакал да имаш девојка, ама не е време за тоа, знаеш дека собата ја делиш со сестра ти и дека не можеш да си дозволиш да излезеш некаде. Гневен си за сите пропуштени прилики да ја напуштиш државата, дедо ти е болен и свесен си дека без неговата пензија не би можеле да го избуткате месецот, смачено ти е да се обидуваш и да се лажеш дека ќе биде подобро.
На телевизија гледаш како известуваат за твојата држава како вистинска економска сила, најавуваат нови инвестиции и ги потенцираат приликите кои што им се нудат на младите. Понижен си и посрамотен од сопствената држава, знаеш дека не може да биде полошо, со сите пари што ги имаш заштедено во текот на годините, едвај можеш да купиш авионска карта во еден правец, ја купуваш. Ги гушкаш твоите, можеби за последен пат, се качуваш на летот и заминуваш засекогаш, не знаеш како ќе биде, само сакаш да отидеш што подалеку. Носиш само една торба, се убедуваш дека не си кукавица, дека ова е единственото решение, знаеш колку многу сакаше да си помогнеш себеси и на твоите, а во мислите го бараш виновникот. Ти текнува на сите оние политичари кои што низ годините постојано ветуваа и ти се врти само една мисла. Проклети да се.
Паднатиот борец
Награден конкурс за најдобaр текст #СиОдиме
СЦЕНА 1
(Студен мартовски ден. 2 колешки се допишуваат на вибер. Едната легната на тросед, во стан, гледа ТВ, другата на кревет во детската соба, гледа филм на компјутер оти во дневната се гледаат вести.)
КОЛЕШКА 1: Еј, фаќај врски да ме заменуваш во школото, за некој месец одам на породилно.
КОЛЕШКА 2: Де бре, јас не фаќав врски за да се вработам, не па сеа ќе фаќам врски за замена за неколку месеци!
СЦЕНА 2
(Приватна високообразовна установа. Прием кај службено лице. Млада девојка, „дипломирана со стаж“, влегува во канцеларијата за да конкурира за работно место).
ДЕВОЈКАТА: Добар ден. Дојдена сум да поднесам документи за работното место за предавачи.
СЛУЖБЕНОТО ЛИЦЕ: За кое работно место?
ДЕВОЈКАТА: За предавачи по одреден предмет. Имате објавено конкурс.
СЛУЖБЕНОТО ЛИЦЕ: А од каде дознавте Вие за конкурсот?
ДЕВОЈКАТА: Од дневен весник. Објавен е во весник. Еве, го носам конкусот. (Му подава исечок од весник.)
СЛУЖБЕНОТО ЛИЦЕ: Ааа, тоа – тоа, грешка е. Го објавиле по грешка.
СЦЕНА 3
(Државно основно училиште. Истата млада девојка влегува во директорската канцеларија. Првиот „судир“ ѝ е со секретарката.).
ДЕВОЈКАТА: Добро утро. Доаѓам во врска со конкурсот за наставници. Каде да ги оставам документите?
СЕКРЕТАРКАТА: Дај, девојче, јас ќе ги земам. Сите документи се тука?
ДЕВОЈКАТА: Да, сите, како што пишува во конкурсот.
СЕКРЕТАРКАТА (ги листа документите еден по еден и брои): И?
ДЕВОЈКАТА: Нема „и“, сите се тука. Толку се.
СЕКРЕТАРКАТА: Не се толку, фали еден.
ДЕВОЈКАТА (ѝ го подава конкурсот): Не фали, сите се тука, еве, видете според конкурсот.
СЕКРЕТАРКАТА (се туфка, тивко, едвај чујно): Ааа… а… книшка?
ДЕВОЈКАТА: Имам и тоа – здравствена! Ама не ја зедов, не одам на лекар!
СЦЕНА 4
(Друга приватна високообразовна установа. Прием кај административно лице. Истата, сега и не толку млада девојка, „дипломирана со, сега поголем, стаж“, влегува во канцеларијата за да конкурира за работно место).
ДЕВОЈКАТА: Здраво. Овде сум за да конкурирам за местото за предавач. (Веднаш ѝ ги подава документите.)
АДМИНИСТРАТИВНОТО ЛИЦЕ: Сигурна си дека сакаш да ги оставиш? Бидејќи веќе има многу пријавени.
СЦЕНА 5
(Девојка со мобилен в рака. Ѕвони непознат број. Се јавува.)
ДЕВОЈКАТА: Ало?
ГЛАСОТ: Добар ден. Се јавуваме од Институцијата за неспособни. Вие се водите кај нас дека барате работа, така?
ДЕВОЈКАТА: Да.
ГЛАСОТ: Основно училиште бара учителка, јавете му се на директорот, очекува да му испратиме некој.
ДЕВОЈКАТА: Благодарам. Пријатно.
(Неколку минути подоцна.)
ДЕВОЈКАТА: Добар ден, бројот ми го дадоа од Институцијата, ми рекоа имате потреба од учителка.
ДИРЕКТОРОТ: Ааа, тоа… Ве излажале.
ДЕВОЈКАТА: Аха, извинете. Не знаев дека денес е Први април!
СЦЕНА 6
(Девојка во детска соба. Ја мачи главоболка. Претходниот ден славела. Повод: јубилеен 30-ти роденден. Пишува текст на компјутер. Тема: „Си одиме“. Награда: патувачки ранец – габарит: 65 литри. Таман да си спакува сè што има – сосе мебелот од детската соба; соништата и не зафаќаат многу простор – и да СИ ОДИ.)
Елена Пренџова
Награден конкурс за најдобaр текст #СиОдиме
Извадоци од дневникот на Б.
Скопје 01/10/2015
Драга М,
Не сакам да се збуниш кога ќе го видиш датумот. Толку време откако замина, а во мојот дневник ниту збор. А ветив дека ќе го раскажам секој ден поминат без тебе. Но, не можев да почнам со грутка гнев во градите, сакав да ја поттиснам и да исчезне.Сфатив дека нема, никогаш. Октомври, дојде мојот месец, мојот 18ти роденден се ближи а те нема. Треба да ја правам најголемата забава, но што кога мојата најдобра другарка нема да е на неа? Имам ли право да се налутам за тоа што мораше да заминеш? Не си ти крива што со психологија кај нас нема иднина. Не си ти крива што нема да се вратиш ни летово, што ќе работиш пак далеку од дома за да ги исплатиш студиите.. не си ти крива за ништо, но на кого да се лутам што сум без мојата најдобра другарка? Врне, за целата среќа на светов врне, па не морам да ги гледам скопските фаци по елитните кафулиња како вртат бесмислени муабети и да ме потсетат дека единствената личност со која ми се зборува за се веќе не ми е тука.Ми фалиш неизмерно,
твоја Б.Скопје 17/05/2016
Драга М,
Уште точно 94 дена и до моето заминување. Утре славам матура, а тебе те нема. Посакувам да беше тука, но веќе не се лутам. Не е голем успех мојот 18ти роденден, не е голем успех што завршив задолжително средно образование, не е ни голем успех што ме примија на факултетот. Македонија не е земја на големи успеси. Живеејќи тука никогаш не ни се почуствував способна да доживеам некој голем успех, а сум, а си и ти. Тука не победува најдобриот. Тука е битно твоето презиме и кого познаваш. Разбирам зошто замина, разбирам и зошто ме советуваш дека не е лесен чекор и да се размислам два пати. Осетив се на своја кожа. Се надевам дека ќе бидеш присутна на некој мој нареден голем успех, ако не си, ќе знам дека си зафатена градејќи го својот. И среќна сум за тебе.Ми фалиш неизмерно,
твоја Б.
Награден конкурс за најдобaр текст #СиОдиме
Сине
Ќе ја напуштиме
земјата каде си роден
каде се баба и дедо
чичо и тета,
затоа што тука, само со шитнат газ
и партиска книшка, бизнисот цвета.
Нема да дозволам да растеш
во погана земја на конфликтни профитери
партиски морони
и останати двојкаши;
Ти ќе станеш човек
кој нема од никого да се плаши!
На ручек кај баби и дедовци
ќе одиме ние
а кога ќе можат,
ќе дојдат да те чуваат и тие.
Ќе станеш човек со крената глава,
нема да дозволам, партија заушки да ти мава!Криминалци ја водат во пропаст татковината твоја
тато се обиде да ја гради здрава иднината своја
но едноумието посилно е, и мобинг ми се случи
ти за тоа, само по историја да учиш!Сакам да знаеш,
дека не е лесен изборт мој
од баба и дедо дате лишам,
но се работи за животот твој.
Ќе се трудам што почесто да ги гледаш и срца им полниш
за солзи да не ти течат кога од кај нив пак ќе си одиш ..Мист Вокер
Награден конкурс за најдобaр текст #СиОдиме
Зошто заминуваме од Македонија (си земам за право да одговарам во прво лице, бидејќи и јас сум дел од таа категорија на граѓани, потенцијален млад иселеник) ? Одговарам со контрапрашање, во стилот на контрашите, оние кои не уверија дека постои контраразум во оваа држава. Зошто заминуваат птиците на југ доцна есента , пред да го проголта студот светот,пред да настане општа голгота и мизерија , пред единствената сигурност да биде смртта ? Зошто заминуваат птиците во топлите краишта, далеку од ужасите и хорорите на зимата ?
Зошто ???
Затоа што студот убива, убиваат и гладта и жедта. Убива сиромаштијата, невработеноста, убива дипломата( магистратурата и докторатот) од факултет што бере прашина, зафрлена некаде во длабок дел од некој си дрвен регал. Убива невозможноста за нормален развој, убива партиската книшка(празна и ништожна со по некој печат, вреди повеќе од индекс полн 10-ки), убива дисфункционалната државна власт, убиваат корупцијата и искривеноста, убива автократското (не)владеење на правото, убива непочитувањето на човековите права и слободи, убиваат т.н. ‘’медиуми’’ пропагатори на небулози и заблуди, но највеќе од се убиваат потценувањето и негирањето на младите и нивните способности, сегрегацијата и прогонот на неистомислениците, егзодусот на разноликоста во опшеството…Убива дивјаштвото, примитивизмот, убива криминалот.
Зошто си одиме од Македонија ? Зошто ја напуштаме своината, зошто и вртиме грб на татковината ?
Затоа што оваа Македонија не е своина, туку најтуѓа, проклета туѓина.
Не е татковината за која дедовците и прадедовците гинеле, не се вредностите на кои се темели државното уредување, нема еднаквост, правичност, слобода, независност. Ова е нешто друго, потполно спротивно на таа татковина, ова е изопаченост, во потполна смисла на зборот…Оваа Македонија е тотална параноја, хистерија и шизофренија, огромна илузија.
Оваа Македонија е заебана барокна делузија. Парадоксалност, уназаденост, целосна деформираност на опшественото уредување.Оваа Македонија е партиски инструмент, дувло на криминал и аморалитет, лош хорор филм,во кој само смртта е сигурност.
Зошто си одиме од Македонија ?
Затоа што сакаме да живееме, најнормално, најдостоинствено, најсигурно, најуредно, најчовечки…Затоа што не сакаме само смртта да ни биде сигурност
Наум В. Баткоски
Награден конкурс за најдобaр текст #СиОдиме
Реалност. Најубавото и најужасното нешто. Останало проклетството, како нѝ одговара така ја перцепираме. Но кога најмалу ја очекуваме, ти врзува толку јак шамар, што психички оболуваме. Најтешка болка е психичката.
Додека бев на тренинг, на телефонот видов пропуштен повик од најдобриот другар. Му се јавувам и ми вели „Ајде да се видиме имам нешто важно да ти кажам.” Кога одев накај кафулето сто теми ми поминуваа низ глава. Но таа сто и една воопшто не ми дојде на ум. Го гледам и збунет и тажен и среќен и депресивен во исто време. „Добив понуда за работа во странство. Платата одлична, смештај веќе најдов, треба само да го потпишам договорот.” Нема зборови на сите јазици во целиот свет што може да го опишат моето чувство во тој момент.
За моја (не)среќа го имам поминато ова со други двајца блиски другари. Истото беше и со нив. Двајцата заминаа за подобро образование.Не е лесно да заминеш од тука и таа одлука не се носи преку ноќ. Целосно менување на патеката на живтот и те како е голема одлука. И верувајте, среќна сум за нив, сакам да имаат подобри услови за живот. Да отидат некаде каде што нивниот труд и знаење ќе се цени. Каде што нивниот глас ќе биде слушнат и испочитуван. Каде што борбата за подобро општество има вредност.А од друга страна ме боли. Многу ме боли. Како трн да имам во срцето.Ми се зголемува бројот на блиските лишности во мојот живот што си заминуваат во странство. И сакам да викам гласно и гневно, да им ги пробијам ушните тапанчиња на оние коишто тука се прават глуви. Заради катастрофалното здраство, заради лошото образование, заради високата невработеност и што уште не. Не ми се доволни 500 збора за да напишам зошто сите си заминуваат од државата.
Го гушнав и му реков дека стојам позади неговата одлука, која и да е. Бидејќи знам дека ќе биде посреќен ако замине од оваа вукојебина.
Веќе година ипол протестирам, со надеж дека ќе се смени нешто во оваа држава. Најголема мотивација за да се борам против ваквото оштесство се токму моите другари. Се гордеам со нив. Храбри се. Секојдневно се борат да ги искачуваат скалилата за да станат подобри во сите сфери на животот. Секој пат кога ќе се вратат постојано ми кажуваат дека дома можат да бидат секаде, но чувството што го имаат тука е незаменливо.Но храбри се и оние што пробуваат да си ги вратат другарите дома. Ова е борба која е долга и исцрпува.
Дојдов дома и имав ужасно чувство на дежа ву. Лежев на креветот без душа, како некој да ми ја откорнал и расцепил на толку многу делчиња што не се спојуваат никако додека во позадина од радиото се слушаше „Со маки сум се родила, со жалости јас ќе си умрам.”
Толку многу ме погоди оној стих „со жалости јас ќе си умрам.” Тој стих беше мојот шамар. Во моментот знаев што ќе правам понатаму. Нема да престанам да протестирам. Како сакаат нека ме нарекуваат. Соросид, хулиган, пленумец, не ме интересира. Инаетот, желбата и мотивацијата за да си ги вратам другарите се далеку поистрајни од нивните глупавштини што ги прават. Знам дека ќе дојде момент кога ќе се променат работите, а до тогаш се гледаме на улица.
Аурелиа
Награден конкурс за најдобaр текст #СиОдиме
Здраво , јас сум еден млад човек кој веќе долго време го сонува остатокот од животот настрана од своето родно место, настрана од својата родна земја. #Сиодам затоа што ми е преку глава да ги слушам приказните од тоа како нашиве родители, баби, дедовци го живееле животот во ерата на Тито, како имало за сите, како ја прошетале цела Југославија која за нив во тоа време била цел континент а и цел нивни свет а сепак виделе многу повеќе од што јас до сега сум видел а и веројатно ќе видам во мојот живот, како тоа сите биле еднакви(доказ за тоа ни се истите регали што сите ги имаме по дома, немој да лажете дека немате), како тоа секој завршил школо и бил вработен, како тоа на секој(ај повеќето али не сите) првата кола им била Застава 101 ама НОВА.
#Сиодам затоа што ми заминаа доста пријатели, оние што не заминаа цело време зборуваат дека ако им се пружи шанса ќе го сторат истото. #СиОдам затоа што на секои два-три месеца ми изникнуваат на социјалниве мрежи некои чуда од деца кои достигнале нешто што ретко кој може да се пофали во светот а не па во земјава а уште не сум ја дочитал статијава јас веќе ги замислувам во странска компанија (ја довршувам статијата и гледам дека е така) затоа што тука веќе нема место, работи бе оној што чичко му е инспектор, а бе онаа што мајка и е позната докторка, оние бе што лепеа плакати.
#СиОдам затоа што веќе нема ни фестивали за децава, нема СИДО, Златно Славејче, пошто знаете , требаат субвенции за Канго и остали, сепак идат и избори и кампањи, треба некој да пее па да заработи, требаат прави патриотски вокални изведувачи.
#СиОдам затоа што веќе ми е преку глава од протести и контра протести, веќе ми е преку глава од преслушкувани разговори, од немање мрежа на Вип,од прекумерно крадење на Т-Хоум, од корумпирани политичари, од полни сметки на Белизе,Малдивите и сите оние останати острови кои често ми испаѓаат како платени реклами на Фејсбук од истите тие реклами за кои не се сеќавам кога последен пат сум отворил некоја од нив затоа што уште кога во насловот ќе видам 4 цифрена цена во евра, нема ни што да се мачам.
#СиОдам затоа што веќе ги нема ни К-15, и нив ги затворија. Мака ми е веќе Тошо да го гледам дури од Австралија, а и сам не е тој Тошо што беше. Ја затворија и А1 бе, ама ок они даваа само една или две турски серии, не ги исполнуваа стандардите за да бидат телевизија, и на вестите даваа по некоја лоша работа, каква е таа телевезија ве молам кога се во државата е мед и млеко, пушти си Сител да не те боли глава.
#СиОдам затоа што се осеќам како роб во мојата слободна држава, затоа што плаќам радио-дифузна такса за медиум што не сакам да го следам, затоа што Германците имаат еден пивофест а ние пошто сме појаки имаме веќе 3 ако не се лажам а и престанав да ги бројам.
#СиОдам затоа што веќе преку глава ми е да ги слушам дома како се караат за тоа која сметка е побитна прва да се плати.
#СиОдам затоа што веќе ми е смачено од барок , од толку многу убавини гледање ме здоболеа очиве а немаме современа болница и клиника да отидам да ме прегледаат, сите пари ги дале за фасади, некои си лавови и златни огради на мостови.
#СиОдам затоа што веќе не гледам никаква иднина тука за мене, за мојата сакана и за семејството што еден ден би го оформил.
#СиОдам затоа што… би пишал уште само веќе е 11:45 и има уште 15 мин до рокот, а јас како млад човек што работи за некоја си минимална плата 6/7 дена во неделата, денес го искористив денот за шетање и сосема заборавив на текстот. Време е да се спремаме за спиење и сонување на тоа како #СиОдиме а утре назад во реалноста. Поздрав.
Александар Јорданов
Награден конкурс за најдобaр текст #СиОдиме
Кога реков дека сакам да живеам во дистопија, не мислев на ова.
Имам тајна желба да живеам во друг свет. Да талкам по дождливи темни улици обоени во јарки бои од неон реклами. Да седам во лошо осветлени, во малку посетени локали, едноставно, гледајќи си ја својата работа. Да бидам паралелно поставен кон светот. Да живеам во стан во кој, единствени жители сме тишината и јас. Да чекорам помеѓу вонземјани, мутанти и роботи и да се чувствувам спокојно. Да бидеме исти во нашата разноликост, сплотено, шарено ткиво во градовите на иднината. Но ова е нешто поинакво, нешто многу пострашно.
Кога реков дека сакам да живеам во дистопија, не мислев на ова. Живеам помеѓу чудовишта и не ми е сеедно. Ги гледам насекаде, се движат меѓу нас. Личат на нас, се однесуваат како нас, јадат како нас. Ги гледам во очи и не можам да видам било што позади прозорците на нивните души. Се препознаваат лесно, иако се маскирани, некои блиски, а некои непознати.. Важно е да се запомни дека монструмот се создава, а не се раѓа.
Преку суров сплет на судбини, се извитоперува човечноста. Еден по еден, со секој изустен гневен збор и секоја запомнета грешка тие се множат и земаат замав. Се делат во тимови со свои бои, додека во далечината се креваат борбени знамиња, а градот се тресе од воени песни. Гранката на која седиме пука, а тие се расправаат. Избегнувам контакт со нив, но тие не ме оставаат. Во воздухот се чувствува жед за крв и насилство, родена од фрустрација. Најстрашна е решавачка улога на песимизмот во служба на монструмите , дава плодна почва со векови полевана со крв. Песимизмот, тргајќи ја надежта од хоризонтот, обезхрабрува,осиромашува од моќ за делување, оставајќи простор за ужасни инфекции на човечкиот дух. Нивните дела се невидливи, како ветрот кој единствено се гледа преку лисјата кои ги движи: распаднати бракови, скршени другарства, грозни предавства, гневни закани, срамни грабежи, тешки простувања, лажни ветувања и замор… Имиња и презимиња носат тежок, непосакуван товар, а некогаш биле негувани како благослов и аманет. Чуми се шират низ местото во кое живеам, чуми од страв, гнев и параноја. Живееме помеѓу чудовишта кои ќе нѐ уништат и никому не смее да му е сеедно.
Кога реков дека сакам да живеам во дистопија, не мислев на ова! Се однесуваме како да е сѐ во ред, природен начин на кој фунционира светот. Дали од секогаш било така или ние сме дозволиле да биде така, повеќе не е важно. Цената за да се промени е превисока, а резултатите ќе дојдат предоцна. Штом еднаш ќе го воочиш ова и го вклучиш радарот на разумот, нема повеќе враќање. Но морам некаде да одам. Ќе ме повлечат кога конечно ќе скокнат во амбисот. Единствено можам да ја зголемам должината на врвката помеѓу мене и тегот кој ме влече. Си ги собирам парталите и си одам! Си одам во друга реалност, друг свет! Каде чудовиштата изгледаат како чудовишта, а под нивната кожа се крие нешто човечно. Можеби таму ќе успеам да бидам спокоен.
Дамјан Стојановиќ
Награден конкурс за најдобaр текст #СиОдиме
Драги читатели, најпрвин сакам да си го поставите прашањето: според вас, кој може најмногу да придонесе за општеството, за неговиот развој и благосостојба? Нормално, сите одговоривте: младите! Та нели светот на младите останува. Каква е ситуацијата во нашата земја? Дали можеме да кажеме дека младите имаат ако не супер, барем поволни услови за надоградување, работа, кариера? Овде ќе ви дадам еден пријателски совет: помислете два пати пред да кажете да! Почнувате да се сомневате во позитивниот одговор, нели? И јас се сомневам, драги мои, и јас. А сомнежот води кон подлабока анализа на ситуацијата, така што на добар пат сме!
Друго прашање: колкумина од вашите пријатели веќе заминале во странство од едноставна причина: да ги продолжат студиите? Јас ќе ви кажам дека повеќето од моите пријатели и познајници или заминале, или се подготвуваат да заминат. А зошто? Уште поедноставен одговор, драги мои, овде не гледаат никаква иднина, ниту пак простор за градење на кариера, ама требаше како прво да го спомнам најосновното и најважното нешто, а тоа е основни услови за нормален и достоинствен човечки живот (без криминал, корупција, злоупотреба на работната сила). Сите сме или барем би требало да бидеме свесни дека младиот човек овде се соочува со тешки околности, почнувајќи од неговата егзистенција, па до искористувањето на неговиот труд (за бедна плата!) и немоќта да крене глас против ваквата неправда.
Драги мои, ќе ви раскажам мала приказна (во неа ќе се препознаат многу сегашни и поранешни студенти). Си беше еднаш еден студент по име Гоце. Живееше во студентски дом со катастрофални услови за живот. Така, за време на есенските, врнежливи денови, на Гоце му капеше таванот, па кутриот тој не можеше ништо да направи освен да го празни легенот на неколку часа… Надлежните ништо не преземаа… Гоце се хранеше во менза, а друштво му правеа разните бубачки, муви. Едниот прозорец беше без стакло, па наместо стакло имаше хартија, ама џабе, кога надвор дуваше, ветерот завиваше и во собата на Гоце (парно?= утописки поим!) Ама Гоце како Гоце, не се даваше, се избори докрај и успеа навреме да ги заврши студиите. Силно светна ден (па и за нашиот Гоце) и така, тој се вработи. Што дека тој дипломираше со највисок просек, кога добиваше минимална плата на работа? Дојде ден и на Гоце му дојде преку глава, си го спрема куферот и од заштедата отиде на постдипломски во странство каде што и остана. Мили мои, оваа не е приказна, ова е вистинската, реална ситуација! Кој ли „јунак“ ќе се појави и ќе рече: не, младите имаат иднина во Македонија! Па треба да бидеш слеп и глув за да ја негираш вистината!
А вистината боли, исто како што боли фактот дека немаме добро образование, дека потенцијалите на младите овде не можат да бидат искористени до максимум (и во нивна полза како и во полза на државата). Факт е дека нема простор за просперитет на младите во земјава, затоа тие си заминуваат. За крај, најважното прашање: што можеме да направиме за да не си отидеме? А можеме многу, мили мои, почнувајќи од тоа што ќе го кренеме гласот на незадоволството!
Vita
Награден конкурс за најдобaр текст #СиОдиме
Јас сум младите, сакам да се образовам, да се забавувам, да се информирам, да учествувам во креирање и донесување на политики кои ме засегаат, да бидам слушнат и разбран. ,,Ништо не е како дома, дома си е дома’’ ќе речат. Да, потполно се согласувам со тоа, дома е местото каде што се родив, каде што растам, каде што ги научив првите зборови и првите морални вредности, дома е и улицата и бандерата за крижи-мижи, и дневната на другар ми и неговото нинтендо, и скалите кај што го имав првиот бакнеж, дома си е дома. Но, што кога таа ,,дома” не функционира така како што сакам и не може да ми овозможи се што сакам?
Јас сум младите, јас сум амбициозен. Пробав да се образовам дома – на училиште. Го сакав, и уште го сакам уличиштето, но тоа не ме сака мене. Сакам на крајот на денот да бидам попаметен и свесен, а не робот и оратор на здодевни лекции со испревртена историја, теорија без пракса. Пробав во невладин сектор, супер било да се образоваш. Но, за жал, станав Соросоид и хулиган. Не ме прашувајте, бидејќи не знам како. Најверојатно поради истата причина поради којашто не можам да се информирам. ,,Рани куче да те лае’’, плаќај радиодифузна такса со цел да бидеш информиран, а биди осудуван, навредуван, игнориран. Плаќај данок за некој да те претставува и да работи за твое добро, а тој некој да не ги слуша твоите брања, потреби. Не сакам екстерно, не сакам лоши преводи на Македонски. Сакам културен центар во мојот град, сакам да се забавувам, сакам младинска гаранција, не сакам да бидам оној третиот кој е невработен, сакам обезбедена работа. Ме слушате ли, ги сакам сите работи коишто во некои нормални услови би ми следувале, се воодушевувам на некои поволности кои за моите пријатели од странство се секојдневни и нормални. Си ги сакам другарите, си го сакам детството кое ми исчезна во темнините на образовниот систем. А другарите? Во Холандија, Канада, Америка, Германија, насекаде, само не дома. Разочарани од фактот дека пола од тоа што го вложиле во формалното образование било залудно, но среќни дека нивните деца нема да го прават тоа. Другарите учат, другарите се информираат, се забавуваат. Можеби не се дома, но постепено си градат нов дом во околина која што им одговара и помага, подготвена да даде се, да преточи нивниот труд, капацитет и интелегенција во нешто продуктивно, да расте заедно со нив. Некои и не успеаа, некои сеуште се трудат, а јас седам дома, не се забавувам, не се трудам, не се образовам.
Велат дека тешко е да се остави се позади тебе, но, ништо не е невозможно. Кога гуштерот е во опасност, кога предаторот ќе го фати за опашка, тој гуштер сам си ја откинува опашката во обид да преживее. А ако преживее по некое време пак му расте нова. За жал, јас сум гуштерот, предаторот е власта, опозицијата, политиката, медиумите. Јас сум спремен да оставам се со цел да се чувствувам побезбеден, да тргнам во потрага по нова дома, да се надевам дека ќе ми порасне нова опашка. Јас би се вратил кога предаторот ќе го снема, би се вратиле и моите другари, заедно да се забавуваме, да правиме дома да биде најубаво место за нашата иднина. Но, се додека предаторот е дома, јас заминувам и не се враќам. Јас сум младите.
Никола Думовски
Награден конкурс за најдобар текст #СиОдиме
Да се оди или не – тоа е прашањето сега? Не е толку до неодлучноста, колку до спомените кои ме врзуваат за ова место, за овој град кој веќе речиси и да не го препознавам. Тука се родив и пораснав, тоа не можам да го избришам. Од друга страна пак, светот продолжува да се движи напред и секој сегашен момент во наредниот е веќе минато. На крстосницата помеѓу минатото и иднината, изборот колку и да не е лесен, тој е поприлично логичен.
Во земја која е глува да го слушне гласот на младите, а тој допира до целиот свет, ти преостанува само да бидеш слеп. Само така би се помирил со реалноста и твоја боја би била розовата. Во земја каде слободата е пандан на навидум широка полјана сепак оградена со високи и дебели ѕидови, зарем не е апсурдно да ја бараш среќата и надежта за подобро утре?
Овде, каде образованието е апстрактен поим иако конкретна институција, каде за се` се потребни врски, инаку си „без врска“, да во ваква земја живеам. Смачено ми е да слушам како луѓе постојано се вработуваат, а процентот на невработеност опаѓа. Бесмислено е да се инвестира во градинки кои остануваат празни и паркови со нишалки чие чкрипење веќе не се слуша. Залудно е да се радуваме на искаченото едно скалило кога истовремено сме се симнале десетина подолу. Иронична е Триумфалната капија за земја на константни порази.
„Татковина“! Тоа е местото каде што си се родил, местото на кое би се вратил, местото кое всушност и не би сакал воопшто да го напуштиш. Во татковината ти е убаво, животот е прогресивен, дијалектичкиот процес присутен, а соновите ти се поголеми од тополата под која порасна. Мора ли секој човек да има татковина? Во тој случај, која е мојата?
Ако светот на младите останува, тогаш се прашувам зошто оваа моја земја инвестира во генерацијата која својата кулминација во животот одамна ја има доживеано? И не, не се согласувам дека младите се иднината. Младите се сегашноста! Тие се овде и тука – присутни на се што се случува. Тие се сведоци на сегашноста, од кои зависи иднината. Сакаме гаранција за сигурна егзистенција, другари од детството кои ќе ги видиме повторно и вистински насмевки на лицето кои ќе ја потврдат љубовта кон ова земја кога со гордост ќе ја претставуваме. Зарем бараме премногу?
Многу прашања, а малку одговори. По природа сум љубопитна, но не се само одговорите кои недостасуваат, недостасуваат и информациите каде да ги побарам истите. Додека јас, како и секој друг млад човек не знам дали и на каква иднина можам овде да се надевам, ми текнува и дека веќе не можам да се потпрам на сегашноста: ги нарекувам лавиринти, а не институции, во воздухот чувствувам квантитет наместо квалитет, со гордост велам „Македонија“ само пред туристите, а од неодамна љубовта кон оваа земја ја мерам во бројот на денови кои се` уште ги поминувам овде. А таа љубов полека згаснува и се намалува исто како треперењето на срцето и жарот во моите очи кога со гордост ќе изјавев „Јас доаѓам од Македонија, чудесната земјата на сплотеноста и местото каде што секој ден над неа „се раѓа ново Сонце на слободата““…
М.А.
Игор Лазаревски: Македонија не е место каде би можел законски да живеам со својот сопруг
Игор Лазаревски е млад Македонец, кој пред три години реши да го напушти својот дом и сето она што го создал во Скопје, за да се пресели во Канада. Тој сега работи во финанскиот сектор во Канада. Но, финансискиот напредок не била мотивација за тој да замине, туку неможноста да ја регистрира врската со својот партнер во Македонија. За Македонија вели дека не е местото каде би сакал да живеат, кога и во 2016 година постои диктатура. Во интервју за Радио МОФ, Лазаревски вели дека имал среќа што покрај себе имал луѓе кои ја прифатиле неговата сексуална определба. Сепак, жали што сега тој не може да биде во Скопје и да ги поддржи во Шарената револуција.
Себијан Фејзула: Животот на Ромите во Македонија е политички манипулиран и контролиран
Пред неколку години младата Себијан Фејзула си замина од Македонија, за своето образование да го продолжи во Унгарија, со желба догодина да запише и докторски студии во Шпанија, од областа на визуелното претставување на жените Ромки. За Радио МОФ вели дека мора да се смени начинот на презентирање и адресирање на проблемите со кои се соочуваат Ромите, но и дека нивниот живот во Македонија е политички манипулиран и контролиран. Од друга страна, додава, невработеноста и потребата за сигурност имаат голема улога при одлучувањето на младите дали да заминат или останат во земјава..
Токму поради моите политички, а сепак граѓански ангажмани (член сум само на Легијата) и ми се случија низа непријатности во кариерата. Како прво – забрана за јавни настапи на било кој музички фестивал што е под патронат на државата, а 97 посто се такви. Второ, пасивизацијата на граѓанскиот отпор и агонијата која трае со години.
Владимир Џокиќ, попознат како Да Џака Накот, во ноември минатата година на својот Фејсбук профил објави дека се отселува од Македонија, и дека среќата ќе ја бара во Германија. Во разговор со Радио МОФ, Џака открива како живее таму, што работи и кои беа причините кои го натераа да си замине одовде.
[Став] Нема да си одам и да ви дозволам да победите!
Нема да си одам. Нема да ви дозволам да победите, ниту вие, ниту било кој нареден кој ќе се обиде да го утнети мојот народ. Нема да се задоволам со коските кои ни ги фрлате и ќе побарам повеќе. Ама не надвор, туку во мојата држава. И ако ништо друго не успеам да променам, барем знам дека во иднина ќе одгледам деца кои ќе бидат способни да формираат сопствено мислење и кои нема да молчат пред неправдата. И гордо ќе им ги покажам сликите од деновите кога нивната мајка била на протест.
Работа „на црно“ во САД и Германија, студенти од Македонија бараат подобар живот
Со желба за подобар животен стандард и подобро платена работа, студенти и млади луѓе од Македонија се решаваат да заминат од земјата и да останат „на црно“, работејќи најчесто нешто за кое не учеле. И покрај истекот на визата и работната дозвола, чие времетраење варира од држава во држава, тие не се откажуваат од можноста што им ја даваат западните држави, бидејќи, како што повеќето велат, немањето основни услови за живот ги натерало да го направат тоа…
Студентите прашуваат: Дали дома ни е сè уште дома?
Во потрага по одговор на прашањето „Дали дома ни е сè уште дома?“, Студентски пленум во петок (15 април) во Хала 3 на Скопскиот Саем организира дискусија со младински претставници и професори…
Харис Бабачиќ, дипломец по медицина со просек 10: Вратите на Германија се отворени за младите лекари
Харис Бабачиќ во 2015 година година дипломираше на Медицинскиот факултет во Скопје со просек 10, за веднаш потоа да замине на пост-дипломски студии по епидемиологија на универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен. Прогласен за најдобар студент во генерацијата, гласен кога станува збор за бранење на правата на студентите и медицинарите, во интервјуто за Радио МОФ раскажува за животот во Германија, за одлуката да замине во странство, но и за револтот од корупцијата, партизираноста и лошите работни услови во медицината во Македонија…
[Став] Само дома си е дома…или пак можеби не?
„Ние пак, обичните смртници уште не долго ќе поднесуваме високи и ниски удари, а потоа ќе возвратиме со индиректен контра напад. Та кај нас сè оди контра, зошто да не и ние? Да, индиректен напад, оти нашите чувства се уште не се умртвени од алчноста и ненаситноста, за да можеме без било каква грижа на совест, директно да повредиме некого. Но погледнете ги аеродромите. Полека сообраќајниците се расчистуваат, булеварот не е исполнет со колоната од автомобили и други возила, возачот на автобусот не е нервозен. А аеродромите? Тие се полнат со млади лица, расплакани мајки со шамивчиња в рака, кои покрај толку солзи, знаат оти чедото го испраќаат на подобро место. Со пасош во рака, ги минуваат портите од терминалите. На звучниците тече една песна, а ехото и акустиката ја рашируваат низ огромната просторија. Одекнуваат едни познати стихови, само дома си е дома…или пак можеби не?“, пишува средношколката Кристина Крајевска…
[Интервју] Станав стјуардеса за да излезам од државата каде нема работа без книшка или врски
Темјана Поповска, дипломиран магистер по комуникации пред две години решила целосно да го промени начинот на живот и да ја прифати понудата за работа од една странска авио-компанија како стјуардеса. Во интервју за Радио МОФ говори за причините заради кои одлучила да ја напушти земјата, можностите за младите луѓе во Македонија, како и за возбудливата нова професија преку која веќе ги има посетено сите континенти…
Владимир Златески, докторанд во Цирих: Заминав во потрага по квалитетно образование
„Образованието треба да биде и столбот и моторот на едно општество. Младите талентирани умови кои би придонеле за подобрување на образованието масовно ја напуштаат државата, а државата ниту прави нешто да ги задржи, ниту пак отпосле да ја искористи нивната експертиза“, вели Владимир Златески, биохемиски инженер и кандидат за докторат на Федералниот технички универзитет во Цирих.
[Видео] Дискусија за одливот на мозоци од Македонија
Кои се главните фактори поради кои младите ја напуштаат земјата? Како зголемената миграција на младите влијае врз состојбите во земјава? Дали државата има начин да ги задржи, но и врати младите високообразовани луѓе назад во Македонија? Ова беа дел од прашањата на дискусијата „Одлив на мозоци од Македонија – причини и последици“, во студиото на Радио МОФ…
Расте „одливот на мозоци“, половина од младите не гледаат иднина во Македонија
Сè повеќе млади лица се решаваат да ја напуштат земјата, во потрага по подобра работа и социјални услови. Над 70 отсто од младите би биле дел од тој „одлив на мозоци“, а речиси половина од нив, или 49,3 отсто не ја гледаат својата иднина во својата земја, покажува новото истражување на Институтот за социјална демократија Прогрес, кое денеска го презентираше Калинка Габер. Овие податоци се поразителни, смета Габер, ако се знае дека 25 отсто од вкупната популација во државата се млади…
Сака државна работа, иселувањето му е болна тема – профил на просечен млад човек во земјава
Има 30 години, сè уште живее под ист покрив со своите родители. Дипломирал пред седум години и сè уште е во потрага по работа. Животна желба му е да се вработи во јавна администрација, бидејќи смета дека таму му е најбезбедно. За иселување, пак, не зборува јавно, бидејќи се плаши од реакциите на неговите најблиски. Ова е профилот на просечен млад македонски граѓанин, кој поради недостиг од квалитетно образование и волја, останал да чека четири до седум години за да го добие своето прво работно место по дипломирањето…
Граѓани оставија обувки пред Влада, ја потсетија на проблемот со иселувањето
Голем број граѓани денеска оставија обувки пред Влада, со цел да ја потсетат на проблемот со иселувањето. Обувките ги симболизираат нивните блиски роднини, сакани и пријатели кои си заминале од земјата од сиромаштија, невработеност, или од некоја друга причина, поради која не можат да се вратат…
Младите се селат во странство, надлежните се правдаат со лош западен маркетинг
Бојан Мавков е на постдипломски студии во Франција, Марија Ангеловска во Шведска. Враќањето во Македонија и за двајцата е неизвесно. Бојан кој со одличен просек дипломирал на ФЕИТ, вели дека заминал на студии во Франција откако не успеал да најде соодветна работа во земјава. Сега, додава тој, неговата мотивираност да се врати назад е се помала. Марија пак е уверена дека сите би се вратиле ако имаат добри можности за работа…