Специјалното јавно обвинителство отвори истражна постапка под името „Трезор“ во која четири лица се сомничат за „груба злоупотреба на буџетски средства“.
СЈО сомничи три раководни лица од Управата за безбедност и контраразузнавање и едно раководно лице од МВР за злоупотреба на службената положба и овластување, бидејќи прибавиле имотна корист за компанијата ДТУ Финзи ДООЕЛ – Скопје и нанеле штета на Буџетот на Република Македонија за нешто повеќе од 53 милиони денари.
„Ова обвинителство ќе вложи максимални напори секој кој злоупотребил народни пари да седне на обвинителна клупа и да ги врати“, рече обвинителката Фатиме Фетаи која го образложи предметот.
Обвинителството најави дека до судот за осомничените ќе побара мерки за обезбедување присуство во текот на постапката и замрзнување имот.
Ова е прв истражен предмет околу економски криминал кој го отвара СЈО.