Од 29 август до 9 септември во МКЦ ќе се одржи „Skopje Creative Hub 2014“ фестивал кој во фокусот ја има интервенцијата и промоцијата на алтернативната употреба на јавниот простор. Идејата е преку здружување и вмрежување на странски и локални млади, креативни професионалци кои ќе водат работилници заедно со студентски групи, да се промовира критичкото размислување и поттикне јавната дискусија за јавниот простор. На само два дена пред почетокот на фестивалот, двајца од организаторите Милан Диневски и Дамјан Кокалевски од „Градската креативна мрежа“, за Радио МОФ зборуваат за потребата од едно вакво случување во Скопје, за јавните простори и за креативноста на заедницата.
На 29-ти август почнува „Skopje Creative Hub“. Која е целта на фестивалот?
Дамјан: Целта на фестивалот прво е да се оствари соработка помеѓу домашни и странски професионалци од разни креативни средини коишто ќе имаат шанса да работат со интернационална група студенти. Идејата е да се поврзат странски и домашни тутори преку разни работилници, серија дискусии, предавања и паралелна програма. Значи тие се трите главни дела на десетодневното траење на креативниот фестивал. Постојат и потцели, како таа што со овој настан сакаме да поставиме во Скопје интернационална мрежа на креативни професионалци коишто со својата работа и творење ќе создаваат една база на податоци за активирање, реагирање, учество во јавен простор што треба да биде јавно достапно и кое ќе реагира на големи проблематики, но ќе адресира и глобални проблеми.
Има ли интерес, но и проблем со креативно искористување на јавниот простор во Македонија?
Дамјан: Со јавниот простор мислам дека има секаде проблеми посебно со демократијата и глобализацијата, но и со се поголемата приватизација, со поставувањето на правила и прописи за негово користење, ограничување на движењето и строго задавање на време, од кога до кога смее да се користи тој простор, со поставување на камери, коишто се повеќе се користат како алатка за контролирање на човекот, па тотално се губи смислата на јавниот простор, но и луѓето се помалку сакаат да се присутни во него. Затоа ова е некако реакција на целиот тој процес. Од друга страна, ние сметаме дека не е доволно само да си присутен во јавниот простор и да бидеш свесен за промените што се случуваат. Треба да имаш понуда како да се поправи нешто, секогаш треба да се најде заеднички јазик со спротивната страна , а оттаму доаѓа и нашиот наслов на фестивалот.
Милан: „Skopje Creative Hub“ е генералниот наслов, инаку важниот наслов е „Нови содржини во јавниот простор“. Идејата ни е да се дистанцираме малку од чисто критикување и да размислуваме како директно да делуваме врз процесите. И покрај тоа што третираме теми од јавниот простор во Скопје и трасираме специфични проблеми во градот, сепак проблемот е глобален. Сакаме да изнајдеме нови средства за јавниот простор да не биде начин за контролирање на нашите права и можности како граѓани.
А колку македонските граѓани се запознаени со употребата на јавниот простор?Дали, според вас, се плашат да го користат или можеби се недоволно креативни?
Милан: Праксата покажува дека луѓето во медитеранските делови од Јужна Европа генерално ги користат јавните простори и тоа не само јавните туку и сите надворешни простори што е доста интересно и е во контраст со она што се случува во државите од Северна Европа каде што јавниот простор е искореографиран. Во медитеранските делови од Јужна Европа секогаш е тоа спонтано. Тоа е една интересна карактеристика што е од огромен квалитет и во Македонија и е можеби нешто што нашите луѓе можеби несвесно го прават. Ние поминуваме големиот дел од нашето детство за секојдневни активности надвор.
Дали ова значи дека Македонија е во предност поради спонтаноста, наспроти „северната“ преорганизираност на јавните простори?
Дамјан: Во многу држави во Западна Европа е забрането да се прават многу работи во јавниот простор. Сега тоа полека почнува да станува тренд и во Македонија. Сметаме дека тоа е против нашите традиции и вредности како медитерански јужноевропски народ. Но исто така сметаме дека токму тој квалитет треба да го потенцираме преку овој наш фестивал. Но, проблем е и креативноста, односно со целата таа пренатрупаност на јавниот простор се создава некаква одбивност меѓу луѓето да се излезе и тој да се искористи. Се преферира повеќе онаа приватност, интимност , скриеност зад влезната врата на секој стан.
Има ли простор за алтернативна култура кај нас и колку на неа влијае државната контрола?
Дамјан: Мислам дека има премногу простор, а премалку иницијативи бидејќи простор секогаш може да се најде. Најчесто тоа е поради несигурност, страв од потсмевање на масата. Мислам дека заради тоа и се должи таа неиницијативност, но не се согласуваме дека тоа не е можно бидејќи на пример успеавме да направиме покровител на овој креативен фестивал да биде град Скопје, а поддржувач е „Prince Claus Fund for Culture and Development“.
Спомнавте дека тешко се слушуваат иницијативи, а постои и страв за користење на јавниот простор, но имавте јавен повик за учесници за фестивалот. Каков беше нивниот интерес?
Дамјан: Поголемиот дел од учесниците студентите, се од различни европски држави, околу две третини, а една третина се македонски. Од една страна, тоа не е некакво мерило бидејќи сепак се работи за студенти. Знаеме дека ова е активност што трае долго, десет дена се во прашање и тие што се најзаинтересирани би се пријавиле. Сметаме дека со тие студенти што се пријавија ќе имаме одлична соработка. Имаме пет групи и секоја група има по еден локален и интернационален инструктор.
Сепак, најважен е фидбекот што ќе го добиеме од фестивалот, како ќе се реализира соработката помеѓу овие две групи и на каква реакција ќе наиде од публиката. Интересен дел е што на крајот фестивалот ќе излезе со публикација од сите резултати и дека ќе биде документиран на одредена платформа. Сакаме во иднина резултатите да ги ставиме во една база на податоци и да бидат инспирација за некоја друга активност. Еден од продуктите ќе биде градење на сцена во МКЦ што би можела да биде користена од „ад хок“ театарски групи.
Вие сте дел и од „Градската креативна мрежа“. Која е целта на оваа организација и како беше создадена?
Дамјан: Прво ни недостасуваше простор за мене, Милан и некои други соработници каде што ќе можеме да се сретнеме и да најдеме некое решение, да адресираме некои проблеми и да дејствуваме на тој проблем. Затоа во една од главните мисли што стојат зад оваа организација се средба, соработка, креација и делување. Тие се четирите зборови кои најдобро ја објаснуваат нашата мрежа.