Младите се заинтересирани за креирање на стрипови, но потребен е поголем ангажман околу нивната презентација. Вака Давор Драмиќанин, стрип-сценарист и пишувач на стрипови, ја оценува состојбата на ова поле во Македонија.
За време на фестивалот „Скопје Креатива“ функционираше отворена стрип работилница пред Универзалната сала. Учествуваа околу десетина млади креативци, кои добиваа помош од нивниот предавач.
„Овој настан е организиран пред се за дружење и изразување на кретивноста кај младите. Повеќето од нив се средношколци, но има и студенти кои се заинтересирани за креирање на стрипови“, забележува Драмиќанин кој беше предавач на работилницата.
Вели дека е изненаден од тоа колку младите читаат стрипови и дека се заинтересирани за овој вид на хоби, но и дека стрипот го гледа како забава и рекреација, а не како бизнис. Самиот призна дека неговата цел е да ги задржи оние кое веќе почнале да се занимаваат со тоа, но и да ги врати постарите љубители на стрип-сцената.
„Има напредок на македонската стрип-сцена, младите сакаат да ја изразат својата креативност, но не се доволно информирани каде би можеле да го направат тоа. Стрипот е само еден вид забава, од него не може да се заработи. Се случувало татко и син да дојдат заедно на некоја работилница и да работат тимски“ додава Драмиќанин.
Марко Тасевски кој беше еден од учесниците на стрип-работлиницата ни кажа дека за работилницата дознал преку фејсбук и дошол на овој настан бидејки неговата пасија за цртање херои е голема. Накратко ни го опиша неговата стрип приказна.
„Денеска нацртав 4 херои, а во приказната ќе има борба помеѓу господарите на водата, воздухот, огнот и земјата. Ќе победи тој што ќе биде најдобар и најсилен. Задоволен сум од соработката со Давор Д. Тој постојано е околу нас и ни помога доколу имаме потреба од него, битна е и дружбата помеѓу нас“, изјави Марко кој е е втора година во средното еконмоско училиште,а инспирација ја добива од цртаните или другите стрипови.
Во рамките на Скопје Креатива голем број креативци по втор пат се собраа пред Универзалната сала слободно да ги изразат своите вештини и кретивни идеи. Работилницата за стрип беше доста посетена.
Бисера Ловачева