По вчерашниот протест за почист воздух и барањето индустрискиот комплекс Железарници да ги исполни еколошките стандарди, жителите од овој реон најавуваа низа протести за да ги разбудат и своите, како што велат, поспани сограѓани.
„Од понеделник до петок секој ден од 17-20ч блокади на ул “Коце Металец” во Железара….се молат сите присутни да донесат реквизити ,свирчиња ,труби, тапани ,тенџериња…..се со што би можеле да направиме галама и да пробаме да ги разбудиме нашите поспани сограѓани!“, се наведува во поканата за настанот објавен на социјалните мрежи.
И ова утро, фотографиите што граѓаните ги поставуваат Фејсбук сведочеа за сериозноста на проблемот и чадот кој го труе цело Скопје, а кој се испушта секојдневно од индустрискиот комплекс во Железара.
Граѓаните од скопските населбите Железара, Бутел, Чаир, Аеродром со години се жалат на густиот чад кој излегува од индустрискиот комплекс и бараат да се вградат филтри. И покрај најавата дека до први април ќе се стави клуч на вратите на фабриките кои загадуваат, Владата за најголемиот загадувач во овој реон – Макстил, рокот за исполнување на еколошките стандарди го продолжи до крајот на октомври.