Со промоција на книгата „Дај две, љубовни!“, антологија на европската љубовна лирика ќе се затвори првото издание на фестивалот „BookStar“. Затворањето ќе се одржи на 27 октомври (вторник), со почеток во 20 часот, во клуб-ресторанот „MКЦ“.
„Дај две, љубовни!“ е антологиско издание на најубавите љубовни песни на авторите од Европа, кое тимот од издавачката куќа „Антолог“ го приреди специјално за фестивалот. Книгата ќе ја промовира универзитетската професорка и книжевна теоретичарка Лидија Капушевска-Дракулевска, а модератор на целиот настан ќе биде радиоводителката Елена Стојановска.
Со поетско читање настапуваат: Велко Неделковски, Ленче Милошевска, Никола Маџиров, Сузана В. Спасовска, Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески, Сузи Тенева, Ацо Гогов, Владимир Јанковски, Лидија Танушевска, Милица Миркуловска, Радица Никодиновска, Борис Митковски, Елена Пренџова, Биљана Стојановска, Елена Конеска, Исток Улчар и Зоран Радически.
За финале на промоцијата, но и на целиот фестивал, е предвиден целовечерен концерт на групата „Фолтин“, кој ќе започне во 21.30 часот.