Жители на Тафталиџе најавија протестен собир во попладнево во 17:30 часот, за да побараат зачувување на на паркчето на улица Букурешка, каде градежните работници пред неколку дена го заградија просторот за да се гради зграда.
Причина за оваа дружба, стои во најавата за настанот, е посочување на значењето на оваа и другите зелени површини во населбата за граѓаните преку најразлични активности како спортување, уметничко катче, музика или маалски муабети.
„Да не дозволиме да продолжат да ни ги рушат спомените како што тоа го сторија со: зградата на Мексичка (ДРВЕНИ), дворот и игралиштата на Коменски и многу други места низ населбава и општината! Затоа Ве повикуваме сите кои што ве засега иднината на ова и сите други слични места кои ве асоцираат на младост, дружба, смеа итн. да се приклучите на оваа иницијатива/дружба! И врз твоите спомени фрлаат бетон“, се вели во повикот.
Поддршка на жителите дојде и од иницијативите за зачувувањето на зеленилото од Аеродром и Карпош 4. „Паркољупците“ се обединуваат, велат граѓаните.
„ Граѓанските здруженија „Ние сме Карпош4 “ и „Сакаме Аеродром да дише“ ги поддржуваат жителите на Тафталиџе и се придружуваат кон нивната иницијативата за заштита на паркот на улица Букурешка, како и во заштита на сите зелените површини во Карпош, Аеродром, Тафталиџе, Центар и секаде каде што во услови на екстремна загаденост и пренаселеност, градските власти имат намера, дополнително да го “силуваат “ просторот, и наместо дрва и зелени површини, милуваат да постават бетон“, велат од иницијативите.
Од двете иницијативи порачаа дека освен за паркот на Букурешка, ќе застанат во одбрана места кои за локалните власти се синоним само за профит, додека за граѓаните се синоним за младост, дружба, смеа и зелени оази во урбаниот хаос.
Жителите на населбата пред два дена заедно со своите деца оставија пораки на дрвјата околу местото каде ќе се гради, со кои се бара да запре уништувањето на зеленилото, а ги срушија и тарабите кои го оградуваат просторот во паркот на „Букурешка улица“.
Од општина Карпош за МКД.мк велат дека станува збор за еден објект, колективна станбена зграда, кој ќе се гради на улица Букурешка бб. Според општинарите, одобрението за градење на овој објект е правосилно со добиени позитивни мислења од сите надележни институции. Маркицата за градба, додаваат, е утврдена со Детален урбанистички план за Тафталиџе 1-Јужен дел, со одлука на Советот во 2003 година.
„Ако еднаш веќе е утврдена површина за градба, таа натаму може да остане иста, да се надградува и доградува, но никако да се поништи“, децидни се од Општината.