Унијата на средношколци на Македонија со која Министерството за образование и наука објави дека денеска постигнало договор за полагањето математика има неактивен статус од 2013 година, соопштија од Средношколскиот пленум.
„Според истражувањето на Младинскиот образовен форум „Kапитулација, конфузија или отпор – Социјалниот капитал на македонските средношколци“ [МОФ и Реактор, 2010] се увиде дека 70% од испитаните средношколци не се запознаени дали има средношколско организирање во нивните училишта, а 81% никогаш не учествувале во избор на средношколска унија. Следствено е прашањето: Кој ја сочинува оваа унија на средношколци? Средношколскиот пленум децидно се изјаснува дека се оградува од неа, нејзините барања и следствено, од донесеното решение на состанокот со МОН. Средношколскиот пленум десет дена неуморно се обидуваше да добие одговор од министерството, како и да закаже средба (која ни беше ветена), но сите обиди беа неуспешни. Пленумот не беше известен за средбата на Унијата на средношколци со МОН и на неа не беа ниту изложени, ниту разгледани барањата кои тој ги достави до министерството. Овие барања кои се однесуваа не само на државната матура, туку и на електронското полагање и екстерното тестирање беа поткрепени со силна аргументација, на која МОН се уште нема дадено контра аргументи“, соопштуваат од пленумот.
Тие потенцираат дека нема да подлегнат на никакви притисоци и манипулации и ќе продолжат со нивната борба за подобро образование.
„Бевме целосно изигнорирани, и од зад грб ни донесоа одлука со која не се сложуваме. Навидум „компримисот“ подразбира само намалување на бројот на средношколци кои би страдале од непромислениот и полн со грешки, нов концепт на државната матура.Нашата солидарност ќе ги победи сите обиди да не разединат и поделат на „оние кои имаат право на избор“ и „оние кои немаат“. Маршот во Скопје кој е планиран за утре (1 април) ќе се одржи и ќе биде прилика да го искажеме уште поголемиот револт кој го создадоа кај нас. Ниедна одлука донесена без наша согласност нема да биде прифатена, ниту пак ќе отстапиме од нашите барања! Во донесување на одлуките мора да учествува Средношколскиот пленум, како единствено функционално тело на средношколците во Македонија. Ќе се бориме се додека не не слушнат, додека не ни дозволат да ги искажеме нашите аргументи и не се плашиме да се послужиме со сите начини на искажување на незадоволство“, додаваат од Средношколскиот пленум.