Спорниот владин пропаганден спот во кој абортусот се претставува како убиство, за кој Советот за радиодифузија одлучи дека не смее да оди на телевизија во оригиналната форма пред полноќ, деновиве повторно се емитува на јавниот сервис и на неколку приватни телевизии. Спотот оди во изменета форма – делот во кој лекарката му се обраќа на човекот со „честитам, убивте здраво бебе“ е заматен, а врз сликата се појавува натпис: „цензурирано од Совет за радиодифузија на Република Македонија“.
Спотот има две нови верзии, а на крајот се додадени и цитати од Мајка Тереза: „Греота е детето да треба да го нема, за вие да живеете како што сакате…“ и „Има две жртви од секој абортус – детето и изгубената совест“ (во втората верзија на изменетиот спот).
Спотот, кој почна да се емитува пред околу три месеци, предизвика многу реакции во јавноста, а дел од невладините организации и активисти го нарекоа „контроверзен“ и „навредлив“.
Според одлуката на СРД, спотот, кој е дел од кампањата на Владата „Избери живот“ во оригиналната форма мора да се емитува само во раните утрински часови, како програма од петта категорија или да се преработи делот во кој легалниот абортус во медицинска установа се третира како кривично дело – убиство, што го крши Законот за радиодифузна дејност.
По одлуката на Советот, Владата, која е нарачател на пропагандниот спот, изрази незадоволство:
„Не сме задоволни од одлуката на СРД, сметаме дека е донесена под политичко влијание на СДСМ и здруженијата на граѓани финансирани од „Сорос“ кои се залагаат за абортус. Сепак, ќе ја почитуваме одлуката за емитување во терминот од 00:00 до 05:00 часот, а дали спотот ќе се преработува или не, ќе одлучиме понатаму“, стоеше тогаш во владиното писмено соопштение.
Ж.Н.