Спротивставени ставови за воведување „екстерно тестирање“ на факултетите

Целта на воведување посебен испит во рамки на високото образование е да обезбедиме квалитативен филтер кој ќе биде верификација на квалитетот на високото образование во Република Македонија, истакна денеска заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски , одговарајќи на новинарско прашање за најавените новини во високото образование  и воведувањето државен испит за студентите после втората и четвртата година од студиите. Реакција за новините стигна од професрите и од опозицијата.

студенти

„Имаме извршено истражувања и анализи во повеќе земји каде што постои ваков државен испит. Формата и начинот на спроведување е генерално идентична и крајната цел и кај нив е верификација на квалитетот. Сите сме сведоци на бројните шпекулации кои постојат дека многу лесно на определени факултети се добиваат дипломи. Токму тоа беше иницијалната мотивација врз основа на која пристапивме да анализираме и да бараме меѓународни искуства во таа насока“, изјави Ристовски.

Според заменик министерот за новото решение, кое во меѓувреме јавноста го препозна како „екстерно тестирање во високото образование“, во следниот период ќе се води јавна расправа и преку анализи и дебати ќе се спротивставуваат аргументите „за“ или „против“.

„Целта не ни е да се наруши автономноста на кој било од универзитетите, туку целта ни е како одговорна Влада и воопшто институции во системот на Македонија да обезбедиме зголемување на квалитетот на високото образование. Сметам дека во тој дел и универзитетите ќе имаат интерес да спроведеме една заедничка реформа која ќе биде посебен верификациски испит за целокупниот образовен процес на соодветниот студент, рече Ристовски.

На ваквите најави реагираат од опозицијата каде сметаат дека со ова се тргнува во системско уништување на образованието. Како што истакна Петар Атанасов, претседател на Комисија за образование и наука на СДСМ,  штетата од најавениот напад врз универзитетската автономија и професорската фела овој пат ќе ја платат студентите, со запечатени судбини, како и нивните родители од сопствените џебови.

Од опозицијата приложија документ со кој тврдат дека екстерното тестирање за студентите било испланирано уште летото, во месец јули.

„Министерството од факултетите бара да се изберат клучни предмети без коишто не може да се заврши конкретен факултет и тие да се една четвртина од вкупниот број на предмети, и внимавајте Министерството бара за ова факултетите да распишат оглас за избор на надворешни евалуатори, кои ќе спроведат екстерна евалуација на знаењето на студентите! Затоа министерот Адеми најави државен испит по втора и четврта година за студентите. Со ова Министерството за образование директно гази по академските професори чија работа е да предаваат и да оценуваат. Со ова власта свесно го доведува во ризик натамошното школување на студентите“, истакна Атанасов.

Со најавите за воведување нов испит на факулетите не се согласува и универзитетскиот професор Људмил Спасов. Во разговор  за 24 Вести тој вели дека новите законски измени во високото образование и воведување на екстерно оценување за студентите  ќе бидат понижување и уништување на универзитетите  и академската средина и ќе донесат наметнати проблеми и за студентите и за професорите, но никако квалитет во високото образование.