Во вторник напладне е најавена средба меѓу студенти и Ректорот Велимир Стојковски на која ќе се разговара за легитимноста на студенските претставници што ќе гласаат на изборот за нов Ректор, потврдија за Радио МОФ од Иницијативата на студенти составена од десетина организации.
Средбата која треба да се одржи во Ректорат е на барање на студентите. Оттаму сметаат дека студентските претставници кои треба да гласаат за изборите за ректор на УКИМ немаат легитимитет за тоа, со што во прашање се доведува целиот изборен процес. На средбата, студентите ќе образложат какви проблеми нотирале во постапката за избор на нов Ректор на најстариот и најголемиот универзитет во земјава, а се надеваат и дека ќе дојдат до заеднички решенија.
„Во изминатиот период повеќе студентски организации утврдија противправност на студентските претставници во Ректорската управа и Универзитетскиот сенат. Мандатот на Претседателот на СПУКМ, кој е член на Ректорска управа, е истечен веќе втора година, а избори за Претседател на СПУКМ последен пат се распишани 2012 година. Претседателството на парламентот не одржува седници и нема никакви информации дали воопшто Собранието на СПУКМ се собира и носи одлуки. Дополнително загрижува измената на студентски делегати во Сенатот која не е јавно обзнанета, а извршена од студентските парламенти со истечен мандат. Токму оваа нелегитимност на студентски претставници во овие тела го оневозможува изборот на Ректор на Универзитет Св. Кирил и Методиј, и предизвикува дебатливост за целокупниот процес,“ стои во писмото на здружената студентска иницијатива кое до Стојковски беше испратено во петокот.
Иницијативата на студенти ја сочинуваат ЕЛСА, „Излез“, ИДСБ, МДСФ, JEF, МОФ, Младите Можат, ПСИХЕСКО, СП на Факултетот за драмски уметности (СПФДУ) и Студентски Пленум.