Средношколскиот пленум соопшти дека до Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието доставиле две барања за укинување на екстерното тестирање и за нов модел на државна матура.
„Фаворизирањето на краткотрајно меморирање на факти го обезвреднува сиот вложен труд на ученикот во текот на целата школска година, а притоа не се проверува критичкото знаење и квалитет. На овој начин, се девалвира успехот кој ученикот претходно го стекнал, а се анулира и трудот на Наставникот кој му помогнал на ученикот да го постигне тој успех. Сметаме дека резултатите добиени од овој вид на тестирање влијаат негативно на општиот успех на ученикот, и ја поразуваат целта поради која екстерното тестирање е првично воведено.
НИЕ, Средношколскиот пленум, укажуваме дека екстерното тестирање е спротивно на европските образовни стандарди, е неспроведливо и е дел од „реформи“ кои само ќе ги продлабочат, наместо да ги разрешат образовните проблеми во државава! Континуираната проверка на знаењето и способноста на ученикот низ целата школска година НЕ МОЖЕ, и НЕ СМЕЕ да се изедначи со проверката преку екстерното тестирање, која трае само неколку часа.
Поради тоа, Средношколскиот пленум бара итно и неодложно укинување на екстерното тестирање!
Ние, претставниците на Средношколскиот Пленум, сметаме дека е несоодветно и неприфатливо надлежните институции да ги активираат евентуалните промени во концептот на полагање на државна матура за тековно запишаните ученици во средно образование, како што беше предложено за матурантите во учебната 2014/2015 година. Би сакале да напоменеме дека согласно Уставот на Република Македонија чл. 52 ст. 4, законите и останатите прописи не смеат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, кога тоа е поповолно за граѓаните. Дополнително, минатогодишното одложување на предложените промени и секое наредно одложување не ги решава проблемите и не го подобрува образовниот систем, туку треба да се пристапи кон суштински реформи со учество на сите засегнати страни.
Понатаму, сметаме дека воведување на било кој втор задолжителен екстерен предмет го ограничува правото на избор на матурантот да избере предмет соодветен на неговите афинитети и желби за понатамошно образование. Претходното воведување на државната матура како замена за приемниот испит значи дека секој матурант би избрал предмет неопходен за рангирање при уписот на факултет. Затоа, од горенаведениот наслов бараме:
1. Полагањето на државна матура за сите веќе запишани средношколци да се изведува според концептот на полагање кој опфаќа полагање на три екстерни предмети, од кои првиот задолжителен (мајчин јазик), вториот изборен (математика или странски јазик) и третиот изборен (од група предмети, во зависност од видот на средното образование), еден интерен изборен предмет и проектна задача.
2. Средношколскиот Пленум да биде рамноправно вклучен доколку се пристапи кон изготвување на нов концепт на полагање на државна матура.
3. Секој нов концепт на полагање на државна матура да важи за учениците кои што ќе се запишат во средно образование по негово донесување и стапување во сила. Повторно, повикуваме на доследно почитување на Уставот на Република Македонија и забраната за ретроактивно важење за законите. Секој ученик има право да го заврши своето средно образование според правилата кои важеле во моментот на неговото отпочнување.
4. Средношколскиот Пленум да биде активен учесник во носењето на било какви промени поврзани со средношколското образование.“ стои во соопштението од Пленумот.