Ученици од неколку скопски гимназии денеска маршираа во Скопје револтирани од новиот концепт на државната матура и начинот на кој се полага екстерното тестирање.
На денешниот марш учествуваа ученици од повеќе скопски средни училиштата кои тргнаа од средното градежно училиште „Здравко Цветковски“ кон гимназијата „Орце Николов“, за маршот да заврши во Градски парк. Овде учениците ги прочитаа барањата кои ги пратиле до надлежните институции и порачаа дека ќе продолжат со протести сè додека не бидат слушнати.
„ Јас сум претставник од Средношколскиот пленум, а денеска доставивме и барање за екстерното тестирање. Се надеваме дека ќе ни го прифатат, но доколку не се прифатат, ги повикувам сите средношколци да излезат на мирни протести пред нивните училиште меѓу двете смени. Доколку ни го одбијат барањето ќе се оди порадикално“, рече средношколец, претставник на Средношколскиот пленум.
Досегашните официјални ставови на Средношколскиот пленум се законот за полагање на матура и законот за екстерно тестирање да се стават во мирување со тоа што би седнале на заедничка маса и би разговарале заедно со министерот за нивните проблеми и за нов концепт на матура.
„Ова не се протести да губиме часови, не е целта да се губат часови. Целта ни е да го искажеме нашиот револт“, објасни средношколец за време на собирот пред гимназијата „Орце Николов“.
На собирот пред гимназијата присуствуваа и професори во знак на поддршка. Меѓу нив беше и професорот по ликовно, Сергеј Дабоски кој смета дека средношколците имаат право на избор.
„Нивното барање треба да се потпише. Апсолутно, поддршката е безрезервна, лично од моја страна. Битна е желбата на децата да го искажат своето мислење по повод тоа“, изјави Дабоски.
Откако синоќа Министерството за образование и наука го одби нивното барање да не се полага математиката како задолжителен предмет на матурата, средношколците порачаа дека нема да се откажат и дека ќе продолжат и во наредните денови да одржуваат собири во своите училишни дворови.