Средношколскиот пленум преку соопштение на својата официјална Фејсбук страница ја повикува Средношколската унија на јавна дебата преку која претставниците на овие две структури би ги соочиле нивните ставови и аргументи и отворено ќе дискутираат за своите барања. Тие побараа од Унијата да се изјаснат во рок од 24 часа.
Оваа покана доаѓа откако по средношколскиот протест во Скопје, против новите образовни реформи, организиран од Средношколскиот пленум, излезе Унијата на средношколците со прес-конференција пред МОН со контра порака. Тие велат дека Пленумот е пара – организација, без правна и институционална форма, а за себе, тврдат дека се единствени легитимни претставници на средношколците, иако Средношколскиот пленум претходно објави дека оваа организација е неактивна од 2013 година.
„Средношколскиот пленум е автохтоно, и автономно движење кое се бори, и ќе се бори за правата на сите средношколци, без разлика на нивната партиска, верска, и друга лична определба. Сметаме дека е несериозно да се нафрлуваат обвинувања за нелегитимност од страна на организација за која ниту нејзините претставници не се свесни дека е формално-правно неактивна! Бараме од средношколската унија, доколку навистина се смета за легитимен претставник кој ги штити правата на средношколците, во рок од 24 часа да се изјасни по оваа покана за јавна дебата“, се вели во соопштенито на Средношколски пленум.
Двајца претставници од Пленумот пак, вчера беа примени во Министерството за образование и наука каде им бил даден контакт од кабинетот на заменик-министерот Спиро Ристовски, со цел да се јават во рок од еден час за да договорат средба. Но, како што информираа од Пленумот, на телефонскиот број прво ја добиле секретарката, за потоа да увидат дека бројот е погрешен. За денеска најавија дека ќе го посетат министерството за повторно да побараат средба со надлежните и уште еднаш да ги достават барањата.
Голем број на средношколци од неколку скопски средни училишта, како и нивни соученици од Велес и Куманово вчера им упатија последна опомена на надлежните да престанат со воведување на лоши образовни реформи. Тие се револтирани од средбата помеѓу МОН и претставници од Средношколската унија на која не беа повикани. За време на маршот соопштија дека ако не се оствари средба во рок од 24 часа, од петок ќе почнат со порадикални активности.