На само неколку дена пред одбележување на 3 мај, Ден на слободата на медиумите, во Македонија, по речиси 20 години опстојување, се затворија неколку весници кои некогаш беа бедем на слободното новинарство. На Денот на слободата на медиумите, за жал, Македонија спаѓа во оние земји во кои не постојат слободни медиуми. Тоа го покажува индексот на Фридом хаус за 2017 година според кој се мери слободата на изразувањето и слободата на медиумите. И оваа година на скалата на Репортери без граници Македонија е последна во регионот, велат од Самостојниот синдикат на новинари и медимските работници (ССНМ).
Според ССНМ, зад ваквите поразувачки резултаи, стои долгогодишното создавање атмосфера на страв, закани од отпуштања новинари од работа, затворање на слободните медиуми и нивно прогласување за државни непријатели. Етикетирање, шиканирање, физички напади, а во некои случаи и затвор за новинарите кои критички ги опсервираат политичките, економските и општествените состојби во земјата. Од друга страна, велат од ССНМ, се негуваат и создаваат пропагандистички машинерии, кои шират лаги и невистини затскривајќи се зад новинарската професија.
„Затоа, денеска на Денот на слободата на медиумите да ги поздравиме вистинските професионалци во медиумите, колегите кои работат за да се дознае вистината, да се информира јавноста, понекогаш ризикувајќи многу, па дури и својот живот, како што видовме и кај нас во случувањата само пред неколку дена на 27 април. Оваа година не случајно по повод 3 мај Меѓународниот ден на слободата на медиумите се повеќе се говори за потребата од диференцијација на новинарството од пропагандата, од користењето медиуми не за ширење, туку за контрола на информации, вметнување лажни или двосмислени вести за да ја дезинформираат, збунат јавноста и да и го свртат вниманието на наметнати теми, да поттикнат омраза и насилство кон неистомислениците“, соопштуваат од ССНМ.
Подметнувањето и ширењето на лажните вести, на пропагандата и користењето на медиумите за манипулација е проблем што дел демократскиот дел од светот започна да го препознава од неодамна, но, според ССНМ, колегите во Македонија веќе со години го сведочат.
„Борбата против ова зло е можна само доколку новинарите и медиумските работници обединети во силен синдикат застанат во првите редови против партиската инструментализација и диктаторско владеење кои го загрозуваат етичкото новинарство и слободата на говорот, како дел од фундаменталните човекови права“, велат од Синдикатот.
ССНМ нема дилеми дека стандардите и правата одат рака по рака и се предуслов за квалитетно и професионално новинарство и ќе продолжи да работи на враќањето на кредибилитетот на професијата.
„Нема да се откажеме од барањата за пристојни плати и подобри услови за работа, вистински плурализам на медиуми и заштита на професионалното и човечко достоинство. Новинарството мора да биде повторно респектибила професија на која и се верува. Македонија не смее да биде земја во која нема слобода на медиуми и слобода на изразување“, стои во соопштението на ССНМ.