Станица:Студентска е настан кој има за цел промовирање на активностите на студентите, студентските организации и студентските иницијативи, како и унапредување на младинското здружување и дејствување. Настанот е можност за студентите да ги споделат своите знаења со своите колеги и да го зголемат своето познавање во различни области. Исто, студентите ќе можат директно да се запознаат со студентските организации, како и да се зачленат во некоја организација.
За исполнет ден, МОФ ви подготви целодневна агенда која вклучува (клик на сликите за повеќе инфо):
Предавања
Истражувачко друштво на студенти биолози: Биоиндикатори
Биоиндикаторите ни даваат важни информации за природата околу нас, и целосното функционирање на флората и фауната на планетата Земја. На предавањето одговориме на неколку прашања: Зашто баш одредени организми на определено место и зошто нивното присуство е значајно? Како функционираат биоиндикаторите? Кој се може да биде биоиндикатор? Зошто се важни?
12h-13h [Перон 2]
Психеско: Учење, помнење и мнемонички техники
Психеско е здружение на студентите од катедрата за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Во првиот дел од предавањето ќе разговараме за дефинирањето на учење и помнење (видови учење, видови помнење, поткрепувачи на учењето и пречки во репродукција на наученото.), Вториот дел од предавањето ќе биде посветен на вежби од мнемоничките техники (практични и корисни техники кои го олеснуваат учењето и помнењето, го прават попродуктивно и подолготрајно).
13h-14h [Перон 2]
ЕМСА: Запирање на процесот на стареење кај човекот
Предавањето ќе го држат студенти и асистент од Медицинскиот факултет во Скопје. Ќе се зборува за кои се денешните трендови, колку се тие ефективни. Има за цел да се приближи научниот дел и да се објасни механизмот на стареење и како би можел да се успори процесот на стареење и да се одржи изгледот од младоста понатаму во животот.
14h-15h [Перон 2]
Студентски Пленум: Суштината и функцијата на образованието во либерално и демократско општество
На ова интерактивно предавање ќе се зборува за автономијата на Универзитетот и слободата на академската заедница како и индивидуализација на студентот и градење на автономија во процесот на социјална интеграција. Студентите ќе имаат можност да го кажат својот став, како и да слушнат што кажале и напишале некои познати автори на оваа тематика.
15h-16h [Перон 2]
Дипл. Инж. По биологија Дафина Клековска: „Форензичка ентомологија“
Ова предавање има за цел да ја запознае стручната, но и пошироката јавност за теориските основи на форензичката ентомологија, видовите инсекти кои се поврзуваат со мртви тела, методите кои се користат при ентомолошко вештачење и начините на колекционирање на релевантните ентомолошки траги од местото на настанот. Во истражувањето на смртните случаи, форензичката ентомологија се применува главно поради утврдување на времето од настапувањето на смртта до пронаоѓање на телото, но и за утврдување дали мртвото тело е преместувано и манипулирано, дали на телото постојат рани, присутност на лекови, дроги, токсини и отрови во мртвото тело, поврзување на осомничен со мртвото тело, па дури и утврдување на ДНК на жртва.
16h-17h [Перон 2]
Македонско студентско етнолошко-антрополошко друштво: „Антропологија и јас“
Интерактивна работилница за студенти во која ќе се разговара и демонстрира работата на етнолозите и антрополозите преку симулација на етнографски методи. Во склоп на работилницата ќе се објасни и улогата на антрополозите во општеството и примената на нивната работа. Ќе се разговара и за визуелната антропологија, етнографски филмови и нивната улога во науката.
17h-18h [Перон 2]
**НОВО ПРЕДАВАЊЕ** Скопско астрономско друштво: Гравитациски бранови
Покрај предавањето и во зависност од временските услови ќе има и набљудување на Сонцето со телескоп специјализиран за таа намена. 14h-15h [Перон 3]
Македонско друштво на студенти физичари: „Патување на светлината“
Научете нешто повеќе за светлината преку забавното предавање на македонското Друштво на студенти физичари. Демонстрациони експерименти од најинтересната област на физиката – оптиката! Што е оптичка средина и тотална рефлексија? Како светлината се прекршува низ призма? Што е дифракција и интерференција на светлинските зраци?
На предавањето, со употреба на ласери и огледала, ќе биде претставено како патува светлината, и низ практични примери ќе бидат објаснети физичките закони.
13.30h-14.30h [Перон 5]
Работилници
Работилница за индустриски дизајн
Секој може да изгради зграда која ги штити луѓето од топлина, сонце и ладно. Тоа што јас решив да направам е сцена каде луѓето ќе бидат посекси и побрилијантни, место каде ќе се разбудат попаметни.“ -Филипе Старк, дизајнер
Индустрискиот дизајн е конструкцијата на сите производи кои ги користат луѓето во текот на својот живот. Секој производ има своја намена, цел и животен век и затоа неизбежен е нивниот развој и нивното унапредување и пренаменување. На оваа работилница учесниците ќе можат да се запознаат со дел од процесот на дизајнирање на производите со цел да создадат производ чија задача ќе биде да го олесни животот на студентите кои живеат во студентски дом.
Концептот на работилницата опфаќа кусо предавање за индустрискиот дизајн, на кое ќе бидат објаснети основите и теоретската позадина на оваа наука. Понатаму, учесниците преку практична работа ќе се обидат да изработат продукт од различни материјали. Прото типовите на продуктите ќе треба да соодејствуваат на потребите на студентите во студентските домови. Во текот на работилницата, учесниците ќе бидат менторирани од двајца фасилитатори.
Пријавувањето на тимови е на следниот линк.
Пријавувањето на индивидуалци е на овој линк.
12h-18h [Перон 5]
Медиумска работилница
Традиционално и оваа година на “Станица: Студентска 4.0.„, Радио МОФ спроведува работилница за студенти-новинари. На работилницата, учесниците ќе творат содржини за студентски тематики, ќе прават интервјуа со претставниците на студентските организации, и останатите претставници на академската заедница, и ќе создаваат текстови кои подоцна ќе бидат објавени на официјалниот сајт на “Станица: Студентска 4.0.„. Студентите ќе бидат менторирани од новинар од Радио МОФ. Учеството е бесплатно, а студентите не мора да имаат претходно искуство во пишување објави и новинарски натписи.
Пријавувањето е на следниов линк.
12h-18h [Перон 4]
Трибини
Трибина за промоција на истражување за перцепцијата на младите во Скопје за дискриминацијата на ЛГБТ популацијата
Субверзивен Фронт, во партнерство со Младински образовен форум, во 2015та година спроведе истражувачка студија за перцепциите и ставовите на младите во Македонија за состојбата со дискриминацијата, вознемирувањето и малтретирањето меѓу ЛГБТИ и не-ЛГБТИ младината на територија на Град Скопје. Преку истражувањето се согледуваат сознанијата за нивото на психолошко и физичко вознемирување и малтретирање, дискриминација и насилство врз младите ЛГБТИ лица на возраст помеѓу 18 и 30 години.
12h-13.30h [Перон 3]
Изложби
Изложба на јавни набавки на факултетите на УКИМ
На настанот ќе биде поставена инсталација преку која се изразени трошоците на факултетите на УКИМ во 2015та година. Погледнете како високообразовните институции располагаат со своите финансии и колкави се давачките во различни сфери. Погледнете колку пари троши УКИМ на цветни аранжмани, средства за хигиена, авионски билети, ремонт на автомобили…
12h-18h [Перон 6]
Изложба на фотографии од студентски иницијативи и протести
Изложбата го прикажува студентскиот активизам низ годините во Македонија. Од кампањата “Резил„, петицијата со 11 000 потписи за менувањето на студентското претставување во Македонија, до студентските протести за бесплатно високо образование, и најголемите студентски протести во Македонија организирани од Студентскиот пленум, окупацијата на факултетите на битолскиот и скопскиот универзитет, до собирот против сечењето на дрвјата на УКИМ.
12h-18h [Перон 6]