Проблемот со пристапот на повеќето опозициски настроени интелектуалци во Македонија не е толку пристрасноста кон СДСМ, колку правењето мечкина услуга на отпорот против актуелната власт. Игнорирајќи ги неопределените гласачи, тие всушност паѓаат во стапицата во која неодамна толку ефектно паднаа противниците на Брегзит и на Доналд Трамп.
Пред да ја објави првата „бомба“, во можеби најтешката зима во историјата на СДСМ по непризнавањето на изборите во 2014, Зоран Заев тврдешедека материјалите што ги поседува се толку компромитирачки што „Груевски ќе си поднесе оставка за три дена“. Неговиот претходник на кормилото на СДСМ Бранко Црвенковски, пак, во екот на „бомбите“ изјави дека „допрва ни претстои долга и тешка битка“. Две години и два пржински договори подоцна, испадна дека во право бил Црвенковски. Остана само епилогот на долгата и тешка битка: 11 декември. Универзален рецепт за победа на избори не постои, но еден од најкратките патишта до пораз е да се прогласи битката за однапред добиена.
Избрзана еуфорија
Професорот Ѓорѓи Спасов неодамна потроши цела колумна аргументирано разголувајќи го заплашувањето од „федерализација“ од страна на владејачката партија како стандардна предизборна тактика, за на крајот да ги фрли аргументите низ прозорец и да поентира дека ваквата тактика ја води партијата „кон сигурен пораз на изборите“. Ако самиот Спасов мисли дека ваквата тактика „стандардно“ му носи изборни победи на Груевски, не е јасно зошто баш овојпат „сигурно“ ќе биде поинаку. Пржино можеби донекаде го изедначи изборниот терен, но избирачите се исти, само две и пол години позатруени од владината пропаганда и поподложни на „федерализации“ и „мрачни сили“. Знаејќи дека ниту една од досегашните анкети не му дава предност на СДСМ, ваквата теза на поранешниот министер за правда не може да биде академска туку прагматична, односно со цел мобилизација на своите сопартијци и истомисленици. Но доколку овие две категории луѓе беа одлучувачки, тогаш на секои избори во секоја земја ќе победуваше секогаш истата партија.
Проблемот со ваквиот пристап на повеќето опозициски настроени интелектуалци во Македонија не е толку пристрасноста колку правењето мечкина услуга на отпорот против актуелната власт. Игнорирајќи ги неопределените гласачи, тие всушност паѓаат во стапицата во која неодамна толку ефектно паднаа противниците на Брегзит и на Доналд Трамп.
Хазардери VS зихераши
Пред секои избори, секоја кампања има избор меѓу две заемно исклучиви стратегии.
Првата стратегија може да се нарече „хазардерска“ бидејќи има за цел да ги привлече неопределените гласачи, кои во комбинација со редовните симпатизери би биле нужно доволни за изборна победа, без оглед на изборната излезност на противничките симпатизери. „Хазардот“ секако се состои во непредвидливоста на неопределените гласачи.
Втората, пак, е „зихерашка“ бидејќи се фокусира исклучиво на определените гласачи, односно на максимизирање на излезноста на сопствените симпатизери, но и на минимизирање на излезноста на противничките, притоа правејќи малку за да ги придобие неопределените. Перцепцијата на сигурност се должи на обилното искуство од претходни избори со овие две целни категории кои се сметаат за фиксно обликувани и оттаму предвидливи и манипулабилни за разлика од неопределените. Анти-брегзитерите и Хилари Клинтон, заедно со ним наклонетите креатори на јавното мислење, одлучија да играат зихерашки. За нив оваа одлука се покажа како погубна.
Каде погрешија анти-брегзитерите?
Неколку дена пред референдумот за Брегзит, откако сите претходни анкети укажаа на максимална неизвесност, повеќето анти-брегзитерски медиуми на своите насловни страници објавија анкета според која кампањата за останување во ЕУ наеднаш се најде во водство од седум проценти. Независно од тоа дали анкетата била фингирана или само лошо спроведена, фактот што анти-брегзитерите одлучија да ù придадат примарно значење наместо да ја вбројат во вкупните резултати од сите анкети ги сместува во категоријата „зихераши“. Логиката им беше дека ниту еден анти-брегзитер нема да пропушти да учествува во „сигурната победа“, додека брегзитерите ќе се помират со „сигурниот пораз“ и ќе си останат дома. Се случи спротивното: многумина анти-брегзитери останаа дома уверени дека земјата ќе остане во ЕУ и без нивниот глас, додека брегзитерите по неколкумесечната кампања базирана на чувства неизненадувачки го игнорираа „разумот“ и гласаа како што им се гласаше без воопшто да се оптоваруваат околу исходот.
Очигледно, зихерашкиот пристап во Велика Британија не само што постигна спротивен ефект од посакуваниот кај определените гласачи, туку несакајќи направи и голем број претходно неопределени гласачи (кои нели е доволно да останат такви за зихерашството да донесе победа) да гласаат за Брегзит. Голем број неопределени Британци се чувствуваа изневерено од ЕУ, но немаше да гласаат за излегување доколку анкетите не направеа да мислат дека само испраќаат предупредување до Брисел на референдум на кој секако ќе се изгласа останување.
Во македонски контекст, ваков тип на гласачи би биле клиентелистите, особено помалку образованите меѓу нив, кои се толку исплашени од владејачката партија што мислат дека таа знае како гласаат. Ако мислат дека со сопствениот глас можат трајно да се ослободат од власта, овие гласачи можеби би размислиле двапати што да заокружат, но ако очекуваат и онака да победи опозицијата секако дека ќе ја заокружат власта „за секој случај“.
Каде погрешија анти-трампистите?
Во САД, делот од јавноста наклонет кон Клинтон едногласно побара од Трамп да се повлече од трката по обелоденетата сексистичка снимка на две недели пред изборите. Нивното образложение беше дека победата на Клинтон е надвор од секаков разумен сомнеж, иако нејзиното водство според повеќето анкети не беше повисоко од водството на други претседателски фаворити низ историјата, од чии противкандидати сепак не се барало да се откажат. Се разбира, анти-трампистите знаеја дека Трамп нема да се повлече, но се надеваа дека ќе ги убедат неговите симпатизери да не се трудат да гласаат на одлучени избори.
Хилари и Трамп се чинат посебно релевантни во нашиот контекст, знаејќи дека се работеше за првиот и вториот најнепопуларен претседателски кандидат во американската историја, додека ние имаме бивш премиер осомничен за криминал во отворена истрага наспрема лидер на опозицијата чија лична популарност во анкетите е најчесто едноцифрена. Во ваква ситуација, бројот на неопределени е толку висок што дури и совршена зихерашка стратегија насочена кон двете категории определени гласачи може да не донесе победа.
Наместо да го преувеличуваат водството на Хилари во анкетите, анти-трампистите требаше токму да ја ублажат неговата тежина, евентуално со примери за претходни избори што испаднале поизедначени од очекуваното. На тој начин можеби ќе ги натераа многуте Американци згрозени од Трамп кои на крајот сепак не гласаа, да си ги „извалкаат рацете“ и да го заокружат „помалото зло“ Хилари.
Има ли СДСМ шанси?
Дали ваквото нагласување на „долгата битка“ на Црвенковски од страна на опозициски настроениот дел од јавноста би значело однапред признавање пораз? Апсолутно не. Напротив, неколку фактори околу тајмингот на изборите се чини дека ù одат во полза на опозицијата.
Прво, фактот што локалните избори не се споија со парламентарните одзема круцијален адут од ракавот на Груевски, кој во спротивно ќе можеше да ги тривијализира своите потфрлања во однос на стратешките приоритети на Македонија и да ја помине кампањата фрлајќи лопати во секое село.
Второ, фактот што изборите се одржуваат во зима, а не напролет со локалните обезбедува идеален тмурен контекст за опозициско гласање (без оглед за која партија), посебно имајќи го предвид загадувањето во клучните градови во неколку изборни единици.
Трето, додека Пржино можеби нè изневери во неколку клучни домени како медиумите, сепак сè уште ни дава демократски придобивки дури и година и пол по неговото првично потпишување. Најсвеж пример е едногласното отфрлање на „дублер-листите“ на СДПМ од страна на ДИК, наводно поради процедурални пропусти. Во бурното предизборие, јавноста не ù придаде доволно значење на елиминацијата на оваа срамна партија, чие долгогодишно толерирање од страна на пред-пржинските државни изборни комисии директно одлеваше цели пратенички мандати од СДСМ. Ингениозните кандидати како Зоран Зашев, Рада Шеќерова и Стево Продановски во 2006 година, на пример, освоија 8.226 гласа.
Секој глас ќе биде одлучувачки
Но, како што покажа свежото фијаско на антибрегзитерите и на Хилари, дури и основаниот оптимизам може повеќе да одмогне одошто да помогне. Наместо да поттикнува еуфорија, опозициски настроениот дел од јавноста треба да ги насочи сите свои напори кон убедување на електоратот дека на овие избори секој глас е одлучувачки. За потоа клиентелистите да не можат да кажат дека гласале за платичка од 200 евра мислејќи дека други ќе ја кутнат власта за нив. Или за гласачите на малите партии да не можат да кажат дека мислеле оти изразуваат безопасен протест спрема „големите“. Со оглед на изборниот модел, на симпатизерите на партии како Левица и ЛП би им било помудро да го поддржат СДСМ заради ветувањето за една изборна единица, во која гласовите за овие партии, за разлика од сега, не би биле фрлени во вода.
Но, доколку сè што гласачите слушаат е дека власта е веќе готова, тогаш оние кои нема да гласаат за СДСМ ќе имаат право на 12 декември да кажат „извините, нисмо знали“. Ќе бидеме ли помудри од Американците и од Британците?
Кристијан Фидановски
*Блогот е напишан во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.