Договорот меѓу политичките партии да го продолжат мандатот на градоначалниците до 15 октомври, кога треба да се одржат локалните избори, не е трајно решение. Со него повторно не е креирана правна ситуација на која може да се повикаме во случаи кога локалните избори не можат да бидат распишани навреме. Трајното решение е можно само преку законски измени, а тоа е во рацете на Собранието.
Локалната власт во Република Македонија се базира врз фундаменталните принципи на демократската локална самоуправа, а дека нејзиното значење е огромно се огледа првенствено во фактот што локалната самоуправа е една од темелните врености на Уставот од 1991 година. Ваквиот уставен статус сам по себе претставува гаранција на нејзината самостојност и самоуправност во рамките на политичкиот систем на Република Македонија.
Тоа е неспорно. Она што е забележливо особено во ситуацијата во која се најдоа единиците на локалната самоуправа во овој период е неможноста да се избере нова локална власт, со оглед на фактот дека до скоро не беше избран претседателот на Собранието, а сето тоа го кочеше и изборот на владата.
Рестриктивен Устав и недоречени закони
Имајќи ја предвид оваа ситуација која прв пат ни се случува од 1991 година од кога е напуштен поранешниот комунален систем, може да забележиме дека нашиот Устав има рестриктивен приод кон уредувањето на локалната самоуправа. Тоа значи дека во Уставот се утврдени само основните принципи на уредување на локалната самоуправа. Во таков случај, во каков што се наоѓаме, анализата за оваа безизлезна ситуација треба да ја насочиме кон Законот за локална самоуправа. Токму тука се јавува и проблемот. Во Законот за локална самоуправа во делот V, во кој се уредуваат организацијата и работата на органите на општината (градоначалникот и советот), се вели дека тие се избираат за време од 4 години (чл. 35, став 1 за членови на Советот и чл. 49 за градоначалникот).
Никаде во Законот не е утврдена можноста за продолжување на мандатот на органите на општината. Во чл. 54 каде што се утврдени околностите под кои доаѓа до престанок на мандатот, во ставот 5 само е утврдено дека доколку по било кој основ наведен во ставовите 1-4 престане градоначалничкиот мандат, Советот во рок од 30 дена од денот на објавувањето на одлуката за престанок бира свој член да ја извршува должноста на градоначалникот до избор на нов градоначалник.
Притоа мора да се нагласи дека во првите 4 ставови од членот 54 не е предвидена оваа сегашна ситуација на неможност да се избере градоначалник. Прашањето кое се покренува е според кој основ Министерството за локална самоуправа им го продолжи мандатот на досегашните градоначалници после неговото завршување?
Владата не може да се меша во работата на општините
Факт е дека во ваква безизлезна ситуација тоа беше „најразумното можно решение“ во овој момент, но не и законски основано. Според Уставот и Законот за локална самоуправа единиците на локалната самоуправа во вршењето на своите надлежности се самостојни. Тоа значи дека при вршењето на работите од нивна надлежност тие не можат да бидат ограничени од страна на републичките органи. Републиката може да се меша во надлежностите на општинската власт само доколку таа им довери да извршат работи од нејзина надлежност. Во тој случај, Владата и надлежните министерства (од делокругот на овластувањата кои на општината и се делегирани) имаат право да вршат надзор на законитоста во работата на органите на единиците на локалната самоуправа. Истото важи доколку општинската власт ненаменски троши средства или постапува на начин кој не е во согласност со Уставот и законите.
Во тој случај, Владата покренува постапка пред Уставниот суд на Република Македонија. Доколку Уставниот суд се произнесе негативно, Владата го запира извршувањето на конкретниот општ акт. Таа не може да го поништи или укине општиот акт. Тоа може да го направи само Уставниот суд на Република Македонија.
Ако се вратиме на конкретната ситуација, тоа значи дека Министерството за локална самоуправа нема можност за продолжување на мандатот на општинската власт. Уставниот суд после таквата одлука на Mинистерството се прогласи за ненадлежен сосема логично, бидејќи нема конкретна одредба во Уставот на Република Македонија за (не)продолжување на мандатот на единиците на локалната самоуправа на која би можел тој да се повика. Кои се можните решенија во таков случај?
Овластен градоначалник или трајно законско решение
Пред да се спомнат тие, потребно е да се истакнат неколку контрадикторности во поглед на конкретната ситуација, а тоа се:
- Отсуство на законска одредба за продолжување на мандатот во одредени специфични околности, вклучувајќи ја и оваа;
- Правна празнина во актите со кои се регулира изборот на локалната власт во Република Македонија (Устав, Закон за локална самоуправа, Изборниот Законик);
- Времетраењето на мандатот на органите на локалната самоуправа (според Законот за локална самоуправа) ограничено на само 4 години и после што се распишуваат локални избори кои се одржуваат истовремено во сите општини, во втората половина на март (чл.16, став 1 од Изборниот Законик).
Кои решенија во случајов на правна нерегулираност ќе беа законски логични и најразумни за надминување на оваа ситуација, наместо решението за продолжување на мандатот?
Прво, искористување на изрично спомнатата уставна одредба дека сите подетални принципи кои се однесуваат на локалната самоуправа се дефинираат со закон. Тоа во конкретнот случај значи да се искористеше одредбата од Законот за општата управна постапка според кој градоначалникот има можност да овласти правно или друго лице на кое му е доверено вршење на јавно овластување, а кое поседува пропишана стручна подготовка да презема дејствија во управната постапка. Притоа, тој би го имал правото да одлучува во име на градоначалникот за извршувањето на управните работи, но и истото тоа лице сноси одговорност ако по негова вина дојде до неизвршување на определени процесни дејствија.
Второ, новоизбраниот претседател на Собранието, по истекот на општинските мандати да свикаше итна седница на Собранието на Република Македонија, после координацијата со претставниците на политичките партии на која ќе се предложеа измени и дополнувања на постоечкиот Закон за локална самоуправа, при што законски ќе се регулираше конкретната ситуација, односно можноста за продолжување на мандатите на актуелната локална власт. Со тоа истовремено ќе се избегнеа и двете недоречености: (1) правната празнина која постои во конкретниот случај, што да се направи кога ќе им заврши мандатот на локалните власти, а ако не може да се изберат нови, согласно постоечките законски рокови; (2) можност да се обезбеди продолжение на мандатот на единиците на локалната самоуправа, утврдено со закон, наспроти сегашната ситуација, без законски утврдена одредба.
Во ваква ситуација најлогични би биле овие решенија, имајќи ја предвид фактичката ситуација дека единиците на локалната самоуправа не можат слободно и нормално да функционираат со истечен мандат. Но она што е повеќе од извесно во моментот е дека и покрај овие можни решенија на оваа status quo ситуација, мандатот на единиците на локалната самоуправа ќе биде продолжен до 15 октомври 2017 година, датумот кој политичките субјекти го договорија за одржување на престојните локални избори. Сепак, овој договор меѓу политичките партии не претставува трајно решение, бидејќи со него повторно не е креирана правна ситуација на која може да се повикаме во вакви случаи кога локалните избори не можат да бидат распишани навреме. Трајното решение со кое би се обезбедило уставно и законско функционирање на органите на единиците на локалната самоуправа е можно само преку законски измени, а тоа е во рацете на законодавниот дом.
*Блогот е напишан во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.
Маја Стојанова е доктор на политички науки на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Истражува во областите јавно мислење и истражување на јавното мислење, современи политички теории и модерна политичка мисла.