Каталонија е најбогатиот регион во Шпанија. Сепак по број на жители се околу 10% од вкупната популација во земјата. Претежно се полиберални од останатите региони во насока на поддршка на бегалци, почитување на мулти култи минато, против корида итн (ова е битно понатаму за суштината на референдумот).
Е сега, борбата за независна Каталонија трае веќе некое време. Ова не е прв референдум, туку последователен на оној од 2014 година. Тогаш во голем дел населението изгласува за независност, но Шпанската влада не го признава истиот за уставен. Де јуре, и овој референдум во себе содржи неуставно прашање кое според правните норми ја загрозува територијалната сувереност на државата. Во превод, со ова Каталонците се товарат за некој вид на државен удар.
Ова беше основ за апсење на голем број локални политичари, државни службеници и градоначалници минатата недела. Истите се товарат за заговарање против државата.
Друго, една од главните тензии се јавува кај гласачките места. Шпанската полиција и администрација не им дава пристап на оние кои сакаат да гласаат до изборните места и се уште е неизвесно дали утре (текстот е напишан ден пред референдумот н.з.) ќе можат Каталонците да гласаат. За ова се водеше цела кампања, во насока на почитување на правото на глас на секој и давање можност на секој да го каже своето мислење преку демократските алатки.
За многумина ова е сосема глупав чекор на Шпанија, но всушност на овој начин политичките партии од Мадрид си штанцаат поени и поддршка кај постарото конзервативно гласачко тело. Во меѓувреме се случува и црна медиумска кампања против Каталонија во останатите региони, што допринесува да шпанските власти имаат делумна поддршка за своите недемократски активности во Каталонија, и на истите се гледа како-аха си заслужија енивеј. И да, многу битно-шпанската влада почна да ги запира фондовите на сите универзитети во Шпанија.
Ова однесување дополнително ги лути луѓево тука, па и тие што не планирале да гласаат, се мотивирани да излезат и да го сторат тоа (запознав неколку млади кои специјално се враќаат од странство за да гласаат утре).
Каталонците се неверојатно активни по прашањето. Скоро на секој балкон има закачено знамиња на Каталонија (и неофицијалното знаме кое вклучува бела ѕвезда на плава позадина) и пароли. Луѓето носат големи знамиња секојдневно, додека протестираат, пијат кафе, се возат во метро, одат на плажа итн. Освен ова, нема настан (дали е тоа свирка, театар, фестивал, празнична прослава) да не напраат нешто поврзано со референдумот. Мора да ги има истакнато официјалните пароли, да се оддржи барем еден говор за независна Каталонија, да се испее химната и слични активности. Луѓето го живеат протестот буквално секојдневно. Секој ден во 10 часот навечер излегуваат на балкони и тропаат на тенџериња, и буквално ечи цела Барселона (во сите маала). Има штрајкови, и тогаш буквално секоја втора продавница, и секое школо, факултет итн едноставно не работи.
Е сега, она што е многу важно е дека многу млади од останатите краишта на Шпанија го поддржуваат референдумот, затоа што во суштина референдумот е поврзан колку со начинот на користење на ресурсите кои доаѓаат од регионот (види прв пасус), толку и со борбата на прогресивните сили против корумпираните структури во државата. Зошто? До пред педесетина години Шпанија е диктаторска земја. Има силни движења против, но се до неговата смрт во Шпанија владее тешка диктатура. По реструктуирањето на политичкиот систем, не се случува моментот на реконсилијација на народот, очито со дијаметрално различни идеологии (од силни анархистички движења до радикални десничари т.е. поддржувачи на диктаторот). За мир во куќа, политичките елити, се уште составени од јадрото поддржувачи на дикататорот повеќе или помалку, го креираат новиот устав кој се труди да ги собере сите идеологии под еден кош. Заради непостоење на моментот на помирување на различните очекувања и замисли, до ден денес во Шпанија има две поголеми групи граѓани кои едноставно не се сакаат и скоро и да не можат да функционираат заедно. Едната група се најчесто семејства и политичари кои уште од дамнешни времиња владеат со државата, кои се очигледно корумпирани и настроени максимално капиталистички и кои најчесто доаѓаат од другите региони од Шпанија. Борбата за независна Каталонија во очите на многу е борба за оттргнување од ваквите елити и оформување на нова држава со про либерални дискурси.
Александра Живковиќ е магистар по правни науки