Неколку стотици илјади луѓе и синоќа се собраа во центарот на Сеул, на петтата недела протести против Претседателката Парк Гин-ху, најголемата серија демонстрации во земјата по движењето во 1987 година за демократизација на Јужна Кореја.
Власта на Парк е разнишана од обвинувања дека нејзина блиска пријателка ја искористила врската за недозволено влијание и мешање во внатрешните политики на Јужна Кореја. Обвинителството кое го истражува случајот веќе отвори процес за овој случај. Освен пријателката Чои Сун-сил, во процесот ќе биде испитувана и претседателката за нејзината улога во скандалот.
Протестите, кои се во петтата недела, остануваат мирни. Демонстрантите се движат со свеќи во рацете, додека активисти и рок-бендови ги забавуваат присутните – од студенти и работници, до млади семејства.
Организаторите на протестите изјавиле за Ројтерс дека 800 илјади луѓе биле веќе собрани на демонстрациите, додека до крајот на ноќта очекувале милион и половина присутни. Полицијата одбила да даде проценка за големината на протестот, но соопштила дека биле ангажирани 25 илјади припадници за одржување ред и мир.
„Ги гледам вестите и помислувам дека ова не може да продолжи – луѓето навистина сакаат да се повлече, но таа не го прави тоа“, вели еден од демонстрантите, 45-годишниот Кван Бо-јун.
Претходно, поголема група на демонстранти маршираше до непосредна близина на претседателската палата, во која престојува Парк, но судот го одбил нивното барање да останат таму и откако ќе се стемни.