Студентскиот парламент при УКИМ да стане тело во рамки на Универзитетот, а со тоа да се зголеми контролата на парите кои оваа невладина организација ги троши, како и да има увид во начинот на кои се вршат студентските избори, е моделот за кој Студентски пленум се залага. Овие промени во студентското организирање денеска беа презентирани на јавната дебата, по повод најавениот студентски референдум.
Но, и покрај тоа што беше најавена како дебата, претставниците од СПУКМ и Студентскиот парламент, Стефан Василевски и Васка Бојаџи, не се појавија на дебатата, па таа продолжи како дискусија меѓу присутните, на која тие се информираа за значењето и целта на референдумот.
„Студентскиот парламент заборави што значи одговорност. Проблемите кои ги засегаат студентите не треба да ги решава Студентскиот пленум, тоа е работа на СПУКМ, тие треба да го подобрат студентскиот живот“, рече студентот Ѓорѓи Димески.
Тој смета дека со овој неформален и необврзувачки референдум, студентите ќе побараат одговорност почнувајќи од најниско ниво, односно од Студентските парламенти на матичните факултети.
„Студентското тело има заборавено во пракса и дефинција што е тоа одговорност. Секако, не можеме да ги обвинеме СПУКМ за се, бидејќи тие не можат да ги знаат сите проблеми. Локалните парламенти се тие кои ги знаат проблемите на својот факултет. Но, ако на пример, на Економскиот факултет немаме тело кое е легитимно, одговорно и има механизам кој ни кажува што тие прават, не може проблемот да се реши ни на локално, ни на повисоко ниво“, рече Димески.
Тој потсети дека во Научно-наставниот совет и Сенатот има студенти кои ги претставуваат студентите, но наместо да бидат активни гласила за потребите на своите колеги, Димески вели дека тие молчат, а некогаш и не се појавуваат.
„Сенатот и Научно-наставниот совет не знаат во која мизерија спие студентот во „Гоце“ и нема ни да дознаат, бидејќи студентите немаат веќе мотивација за да им кажат“, подвлече тој.
Слично мислење има и студентот Огнен Јакасамовски, кој смета дека актуелното претставничко тело нема легитимитет и не ја претставува реалната состојба во која што се наоѓаат студентите на УКИМ.
„Сметаме дека телото во рамки на Универзитетот не смее да биде невладина организација, туку треба да ги оправдува активностите што ги врши и како ги троши парите. Со моделот кој Студентски пленум го предлага ќе има поголема регулација, односно одговорност и контрола затоа какви одлуки е се донесуваат“, рече тој.
Според моделот на Студентскиот пленум, најголема придобивка е отчетноста, со помош на делегатски систем, составен од делегати од секој факултет и независни кандидати кои се залагаат за теми кои се дискутираат на Сенат.
„Нема да има задржување на власта, како што беше случајот во изминатите неколку години. СПУКМ како невладина организација сега има должност финансискиот извештај да го доставува само до Централен ргистар, а вака тој мора да биде објавен и преку Универзитетски весник и нема да може да се скријат трошењата“, објасни Јакасамовски, кој додаде дека со овој модел, секоја активност која нема да се оствари, а биле потрошени пари, ќе биде укината или ќе се бара одговорност од оние кои ја ветувале.
Тој посочи дека референдумот, сепак, не е нешто што може да се најде во Правилникот на Универзитетот, туку се прави со волја од студентите. Но, не ја исклучи и можноста референдумот да биде одложен, бидејќи индексите на голем број студенти се задржани на студентски прашања поради заверка на семестар, па нема начин тој да се реализира целосно.
Како член на Комисијата за менување на Статутот на УКИМ во однос на студентското организирање, се обрати и студентот Стефан Дојчиновски. Оваа Комисија требаше да понуди модел до крајот на 15 септември, но како што нагласи тој, поради спротивставените страни, тоа не се случило, па сега, овој проблем ќе се решава на седница на Сенат.
„Референдумот е за да го тестираме пулсот на студентите и да го покренеме ова прашање, за кое естаблишментот на УКИМ досега не се интересираше“, рече тој.
Првиот студентски референдум според планираното треба да се одржи во среда (28 септември), на кој студентите ќе може да го дадат својот одговор на прашањето – „Студенту, дали телото кое те претставува, во рамките на универзитетот, да продолжи да биде невладина организација?”.
Изборни места за престојниот референдум ќе има на сите 23 факултети на УКИМ, а изборните комисии со цел да се одржи транспарентност, ќе бидат составени од доброволци кои ќе можат да се пријават на јавниот повик.