Стефан Василевски, студент на Медицинскиот факултет и Давор Поповски, студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство – ФИНКИ се двајцата кандидати за нов претседател на Студентскиот парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (СПУКМ).
Изборната кампања за новиот претседател на СПУКМ започнува денеска, а ќе трае до 28 јуни. Изборите пак треба да се одржат на 30 јуни, при што ќе се гласа од 9 до 16 часот на 23 факултети на УКИМ.
Василевски, информираат од СПУКМ бил поддржан од шест матични студентски парламенти на УКИМ, додека Поповски од седум матични студентски парламенти на УКИМ.
Од здружената иницијатива на студенти минатата седмица реагираа на распишувањето избори за претседател на СПУКМ, во летниот период кога само мал број студенти се наоѓаат на факултетите. Тие обвинија дека Студентскиот парламент на УКИМ се обидува да ги фалсификува студентските избори со цел да се стекне со легитимитет за да може да избере нов ректор. Истовремено доставија и барање до СПУКМ со кое повикуваат да запре постапката за избор на нов претседател.