Повеќе од десет илјади студенти предводени од „Студентскиот пленум“ излегоа на протестен марш, познати светски и македонски професори, јавни личности, студентски организации и граѓани од Балканот и светот им дадоа поддршка против предлогот на Министерството за образование и наука да воведе државен испит во високото образование. Но и покрај тоа, Владата остана глува на студентските барања и наместо дебата како што се најавуваше, веќе во понеделник (29 декември), предлог законот е ставен на прво читање во Собрание.
Од „Студентскиот пленум“ сметаат дека причината поради која МОН и Владата избегнува средба со нив е недостигот од аргументи. Според нив, без да се навлезе во проблематичноста на содржината на законот тој беше изгласан од Владата за период пократок од десет дена, без притоа да се консултираат страните што се засегнати од овој закон, ниту пак да се излезе со предвидување за буџетско оптеретување.
„МОН и Владата досега избегнуваа средби со нас дури и на скоро непостоечки, инцидентни дебати, кои би требало да бидат јавни. Сметаме дека со тоа Владата, во недостаток на аргументи, избегнува соочување со студентите, на кое дефинитивно би паднале маските во однос на реформите и сето она кампањирање и етикетирање против Студентскиот пленум“, вели Дарко Малиновски од „Студентски пленум“.
Иако министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми најави дека ќе организира јавна дебата на која со студентите ќе дискутира за предлог законот државен испит, Студентскиот пленумот не беше поканет.
„Организиравме дебата на универзитетите, но и дебати со претседателите на студентските парламенти, дебата со СОНК, а се сретнавме и со ректорските управи. Впечатокот е дека дебатите беа конструктивни, добивме конкретни предлози за подобрување на законот и некои од предлозите ги прифативме“, рече Адеми на оваа седница.
Од Пленумот повторуваат дека донесувањето на овој закон ќе значи непочитување на гласот на илјадниците што маршираа, на аргументите на Студентскиот пленум и на академската заедница.
„Студентски пленум не смета дека треба да постои дебата на која би се разговарало за моделот на државен испит/екстерно тестирање, бидејќи тој досега јасно истакна дека е против воведување на било каков државен испит. Она што Студентскиот пленум го бара е соодветна анализа на проблемите во образованието, а потоа континуирана, а не епизодна академска дебата, во однос на соодветните мерки кои можат да помогнат во решавање на проблемите“, вели Малиновски.
Во меѓувреме, расте поддршката што ја добиваат пленумците. Синоќа од Пленумот го обавија видеото со поддршка од студенти од Босна и Херцеговина, Кина, Естонија, Русија, САД и Германија, а денеска се огласи и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
За време на протестите, со македонските студенти се солидаризираа и студентите од Тирана и Белград.
Расте поддршката и од академската заедница, а стотина професори, асистенти, доценти, предавачи во високообразовните инстуции во земјава упатија отворено писмо до Владата во кое се спротивставуваат на воведување на државниот испит во високото образование и новите реформи. Тие сметаат дека оваа реформа ќе се воведе без суштинска дебата и без нивна консултација и дури без анализа на состојбите, туку како резултат на произволна политичка моќ.
„Ако во изминатите години гласот на професорите се одбиваше од ѕидот на власта, а нашите предлози се отфрлаа без должно внимание, сега за првпат пред Вас стоиме солидарно со нашите студенти. Иако ѕидот е сега повисок од кога било порано, правиме обид да Ве предупредиме јавно и Вас и целата македонска јавност дека наближува мигот во кој ќе го заковате последниот клинец во мртовечкиот ковчег на автономијата на универзитетот“, се вели во отвореното писмо од академската заедница.
Поддршка за македонските студенти пристигна и од познатите филозофи и професори како Славој Жижек, Среќко Хорват, Тарик Али, Мајкл Харт, Антонио Негри и Игор Штикс. Тие реформата ја оценуваат како последниот клинец во ковчегот на бесплатното и достапно образование.
„Ако не се спротивставиме на приватизацијата на образованието и на државната контрола на универзитетите, можеме да заборавиме на идејата дека ќе опстанеме воопшто. Едноставно и јасно, образованието мора да биде бесплатно, достапно за сите и автономно!, се наведува во писмото.
Свое писмо за поддршка на македонските студенти упатија и голем број на реномирани и светски признаени професори како Жак Рансиер, еден од најпознатите современи светски и француски филозофи, Гал Кирн од Хумболт Универзитетот во Берлин, Марк Ленс, професор на Универзитетот Џорџтаун, Тод Мај, професор на Клемсон Универзитетот во Вашингтон, Симон Крчли, Ентони Пол Смит и Светлана Слапшак.
„Кога институциите на високото образование стануваат предмет на контрола на државата, критичко размислување е заложник на диктатот на оние на власт. Едно општество не може да се развива во такви услови. Креативноста е задушена, критиката е во заложништво, независната мисла е укината. Предложените измени и дополнувања на Законот за високото образование, во прилог на другите активности направени од МОН не само што ја поткопуваат автономијата на универзитетите, туку и ја елиминираат“, пишува во писмото.
Поддршка стигна дури и од хрватскиот „Работнички фронт“, политичка организација на работниците, невработените, студентите и останатите обесправени општествени групи. Тие оваа реформа ја гледаат како тоталитаристички чин кој не смее да се допушти за доброто на студентите, професорите и општеството во целина, а на македонските студенти им порачаа дека „Обединетите никогаш нема да бидат поразени“.
Студентската автентична иницијатива „Студентски пленум“ постои веќе од октомври кога Министерството за образование и наука го објави спорниот предлог закон за воведување на државен испит во втора и четврта година од студиите на сите државни и приватни факултети во државата. Досега организираа неколку акции, повеќе студентски собири во неколку градови и двата студентски марша во Скопје, еден во Битола и протестен собир во Прилеп.
Револтирани поради игнорирањето на владата за нивно вклучување во јавна дебата тие овојпат повикуваат на масовен протест во петок, во 14 часот пред Влада, а во Битола во исто време студентите протестираат пред Техничкиот факултет.