Поради долгови кон ЈП „Водовод и канализација“ водата во скопскиот студентски дом „Кузман Јосифовски – Питу“, вчера била сопрена без предупредување, вели директорот на домот, Атанас Бојчев во соопштение до медиумите.
Тој додава дека ова е трет пат како се исклучува водата во домот, за долг стар пет години кој досега бил толериран, секогаш без најава. Тоа, според него, е неприфатливо нарушување на животот на студентите, бидејќи раководството на „Водовод и канализација“ веќе било информирано дека за долгот е најдено решение.
„Новото раководство, веднаш по назначувањето, ги раздолжи тековните фактури, како што беше договорено. Во координација со Владата на Република Македонија, и со Министерството за образование и наука, на последната владина седница, во вторникот, на 26 септември, е донесена одлука да се обезбедат средства во потребната висина, за целосно да се покрие долгот за вода на Студентскиот дом Скопје, кон „Водовод и канализација“. Останува само да се објави одлуката во „Службен весник“ на Република Македонија за нејзина правосилност, по што средствата веднаш ќе бидат префрлени на сметката на „Водовод и канаилзација“, наведува Бојчев во соопштението.
Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје реагираа на изјавата на Бојчев посочувајќи дека исклучувањето не е направено само за стариот, туку и за неплаќање на сметките за вода во последните пет месеци.
„Владата и директорот на домот не само што немаат платено заостанати долгови од претходните години, туку немаат платено ни една сметка за вода откако седнаa на функцијата, од мај годинава, заклучно со септември – ни една сметка за цели 5 месеци“, информираат од претпријатието.