Студентите од охридскиот Универзитет за информатички науки и технологии, „Свети Апостол Павле“ ќе натпреваруваат за најдобра Android апликација. Имаат рок до почетокот на месец декември 2013 година да го креираат своето најдобро идејно решение за апликацијата за паметни телефони и таблети. Од понудените решенија, тимот на Техномаркет, кој го отвори повикот, ќе ги избере најфункционалните, најкреативните и најиновативните решенија кои понатаму ќе се натпреваруваат за главната награда.
Кон средината на месец јануари, пак идната година, од селектираните апликации врз основа на бодување, ќе се избере најдобрата, а за членовите на победничкиот тим ќе има вредни награди. На денешната презентација на студентите им беа претставени техничките спецификации за креирање на најсовремена Android апликација.
„Благодарение на соработката со Техномаркет, пред нашите студенти се наоѓа огромна можност која е од клучна важност за нивната иднина. Преку оваа шанса, тие ќе можат квалитетите и вештините кои ги поседуваат, практично да ги презентираат на технолошкиот пазар, а со тоа да го отворат својот пат кон можни идни деловни соработки и бизнис успеси. Ние како Универзитет, цврсто веруваме во потенцијалот на секој наш студент и не се сомневаме дека победничката апликација ќе наиде на голем интерес кај целата јавност“, изјави Наум Тунтев, координатор на овој проект.
Симнувањето на апликацијата која ќе биде поставена на Play Store, ќе биде бесплатно.