Новата зграда на Филозофскиот факултет во Белград денеска е затворена, откако по речиси двомесечната блокада од страна на студентите, управата одлучи дека нема услови за безбедно одвивање на наставата.
„Неидентификувани лица и натаму ја окупираат новата зграда на факултетот, додека во старата зграда на повеќе места и во повеќе наврати вчера се забележани нереди, инциденти и пресметано попречување на наставата“, пишува во соопштението на деканскиот колегиум на Филозофскиот факултет.
Со оглед на ситуацијата во моментот, не може да се обезбедат технички и безбедносни услови за престој и работа на студентите, вработените и посетителите на факултетот, пишува во соопштението.
Студенти на Филозофскиот факултет, револтирани од игнорирањето на нивните барања од страна на управата, на 9 октомври влегоа и го запоседнаа факултетот, кој оттогаш функционира под нивна блокада. Завчера, деканот Милош Арсениевиќ изјави дека блокадата е завршена, затоа што повеќето студенти се повлекле, но Студентското движење, кое го организира протестот, ги демантира тврдењата на деканот.
„Факултетот ги исполни барањата кои се во ингеренција на Министерството за образование, но нашите барања кои се упатени кон управата, не се исполнети и затоа продолжуваме со блокадата и покрај заканите кои ги добиваме“, изјави еден од студентите кои протестираат.
Изминатите денови, обезбедувањето ги заклучило студентите кои блокираат во просториите на факултетот, по што студентите барале полициска интервенција. За утре (среда, 26 ноември) е закажан протест на платото пред факултетот.