Во петок, за време на состанокот на Ректоратот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и членови на универзитетскиот сенат, студентите од студентската иницијатива „Студентски Пленум“ ќе бараат да се покрене прашањето за екстерното тестирање. Ова го најавија за време на втората студентска средба која вечерва се одржа пред главниот влез на Eлектро-машинскиот факултет во Скопје.
Според студентите, екстерното тестирање е технички неизводливо, наспроти веќе постоечките механизми на проверка на квалитет како што се акредитацијата, рангирањето, самоевалуацијата и надворешната евалуација.
„Со ова се ускратува правото на образование предвидено во член 44 од Уставот, исто така се врши директен упад врз самата автономија на универзитетот, со што се скратува моќта и се дискредитира способноста на самите образовни институции самостојно да си ја одберат методологијата со којашто ќе се проверува успехот на самиот студент“, е ставот со кој излегоа студентите.
„Пленумот“ според нив, постои бидејќи веќе одамна нема иницијатива што ќе ги претставува ставовите на студентите. Тие чувствуваат потреба да се развие критична маса и во иднина ќе формираат координативни тела на сите факултети.
Следната средба на која ќе се утврдуваат идните чекори против екстерното за студентите тие ја најавија веќе во вторник, на Факултетот за архитектура од 18 часот.
Е.П.