„Не дозволувајте да бидете заложници на образованието! Поддршка за нашите идни колеги и колешки од Средношколскиот пленум!“, порачуваат од Студентскиот пленум кои со нова герила акција повторија дека се заедно со учениците во нивната борба за подобро образование. Ваквата акција за поддршка доаѓа по десетдневниот средношколскиот бојкот со кој учениците се уште безуспешно се обидуваат да добијат прием кај министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми за пред него да ги аргументираат своите барања за враќање на стариот концепт на полагање државна матура и укинување на екстерното тестирање.
Студентите во знак на револт од односот на министерот кон средношколците снимија и кратко видео.
Покрај од студентите, поддршка за средношколците доаѓа и од голем број професори.
„Професорскиот пленум изразува безрезервна поддршка на активностите и посветената битка за фер и академски достојно образование која ја води Средношколски Пленум“, порачаа тие.
Со сличен став викендов се јави и Наставничкиот пленум од каде го критикуваат игнорантскиот однос на ресорниот министер обвинувајќи го дека е одговорен за случувањата и турбуленциите во образованието.
„Направивте правилен потег што ги прифативте барањата на студентите и нивните професори. Сега имате можност истото да го направите и за средношкоците и нивните наставници. Ова е моментот кога избирате дали ќе бидете херој или погребник на образованието во Р. Македонија“, велат од Наставнички пленум.
За во четврток напладне средношколците најавија генерален марш во Скопје, кој ќе почне од фонтната во Градски парк, а ќе заврши пред МОН
„Доста беше молк, и доста беа реформи за кои се знаеше само зад затворени врати, без никаква шанса за отстапка и приговор. Време е ученикот да може да учествува во донесувањето одлуки за неговото секојдневие и иднина“, порачуваат од Средношколскиот пленум.