Непосредно по објавата на својот Твитер профил, Студентски пленум соопшти преку својата Фејсбук страница дека во моментов негови претставници присуствуваат на денешната, ненадејно свикана средба во Владата на РМ со премиерот Груевски, како дел од работната група на УКИМ, заедно со претставниците на Професорскиот пленум.
„Сомнително е зошто Владата повторно по последниот момент менува одлука за заседавање на комисија, особено кога таа не треба да ја води дискусијата за законот за високо образование – туку треба да биде набљудувач. Го потсетуваме премиерот дека дебата за високото образование треба да се води на универзитетот, а не во Владата“, се вели во соопштението.
Пленумци велат дека ќе ја искористат приликата да пратат свои претставници во кабинетот на премиерот и уште еднаш да истакнат дека тие бараат итно прогласување на мораториум врз последните измени во Законот за високо образование (ЗВО). Тоа подразбира одложно дејство врз измените во ЗВО, се додека не се донесе целосно нов закон, кој ќе произлегува од инклузивен дијалог и ќе се темели на суштински анализи.
„Бидејќи 4 месеци ја водиме борбата на оспорување на овие лоши реформи, 4 месеци во кои владата одговараше со игнорирање, етикетирање, манипулирање и комплетна непочит кон идеите за демократска инклузивност и дијалог, сметаме дека е малку иронично што сега, на донесен закон, „вонредно“ не повикува на преговори“, пишува во соопштението.
Тие додаваат дека се додека ова барање не помине во итна собраниска процедура, Пленумот нема да престане да делува вонинституционално, според договорениот тек.
Тие потсетија дека универзитетот е на студентите. Според нив, неговата окупација значи всушност негово ослободување.
Голем број на студенти, неколку професори, но и граѓани, на генералниот Студентски пленум во вторникот што се одржа на Архитектонскиот факултет дискутираа за нивните следни активности.
Средбата се одржа со цел да се разгледаат ставовите за тоа дали ќе се оди на дијалог преку кој студентите ќе се обидат да го натераат Министерството за образование и наука да ги повлече законските измени со кои се воведе државен испит или тоа да го направат со вонинституционални начини како што е окупацијата на факултетите. Тие не ја отфрлија можноста да дејствуваат и на двата начини.