„Студентскиот пленум“ реагира на изјавата на министерот за образование Абдулаќим Адеми дека во писмото испратено до него за време на студентскиот марш во понеделникот ја побарале негова оставка. Преку соопштение до медиумите тие го повикаа Адеми јавно да испрати одговор на нивното писмо.
Радио МОФ интегрално ја пренесува реакцијата од „Студентски пленум“.
„Ви се обраќаме со цел одговор на вашата изјава во медиумите во однос на писмото доставено до МОН на 17.10.2014. Неизбежно беше да забележиме неколку недоследности во вашата изјава.
Прво, треба да се напомене, дека документот што го содржи писмото до Вас и заменик министерот(заверен) е јавно објавен на страната на Студентски Пленум, и јасно се гледа дека во ниеден дел не е побарана ваша оставка. Ова го сметаме за свесен обид да се прошири дезинформација, и поради ваквиот проблем сметаме дека е најдобро јавно да го објавите вашиот одговор на писмото, во интерес на транспарентноста.
Понатаму, вашата изјава дека сте достапен за разговор со студентите е проблематична, сметаме дека доколку навистина сакавте да ни излезете во пресрет, ќе не повикавте во министерството на разговор на вчерашниот марш.
Ние уште еднаш од Вас ќе побараме своите изјави да ги поткрепите со конкретни примери и со професионално изготвени анализи за проблемите во високото образование, во спротивно, вашите критики кон високото образование ќе ги сметаме за неосновани. Одкога ваквите анализи ќе бидат изготвени, сметаме дека е потребно да се иницира дебата во рамките на универзитетите, во која транспарентно ќе бидат претставени и интересите на студентите (тука не подразбираме претставници од Студентските парламенти) на професорите и на министерството. Дебатата би била во насока на изнаоѓање на начини со кои би се ревитализирале веќе постоечките методи на евалуација на високото образование, притоа не вклучувајќи го екстерното како модел.
Почитуван министре, кога се најавува прекршување на уставно загарантираните права на граѓаните, се надеваме дека ќе се согласите, тие не само што имаат право, туку имаат и должност да реагираат.
Во интерес на нашата идна комуникација, нашата електронска адреса е plenum.studentski@gmail.com (ако решите да ни се обратите на ваков начин, ние секако ќе го објавиме дописот) Воедно би сакале и да Ве поканиме на нашиот нареден пленум за кој благовремено ќе бидете известени“, се наведува во реакцијата.