Студентски собир вечерва пред УКИМ – студентите без конкретен став за екстерното на факултетите

Протестот како крајно решение – oва се вели во соопштението што се делеше меѓу студентите кои се собраа вечерва на дискусија поради најавите за воведување екстерно тестирање на сите факултети.

Студентскиот собир против екстерното тестирање без присуство на медиумите и лидер

Собирот се одржа пред споменикот „Св. Кирил и Методиј“, на платото на УКИМ каде присуствуваа повеќе од педесет студенти. Одбија да даваат изјави за медиумите. Единствено поделија соопштение со кусо образложение за целта на собирот. Реагираа и на обидите на новинарите да направат фотографии од настанот, единствено објаснуваа дека уште било рано да излезат со конкретен став за екстерното за студентите.

Иницијативата, како што стои во нивното соопштение, е автентично студентска, без ничие влијание и без единствен лидер.

„Кон целта треба да се стремиме заеднички бидејќи така сме посилни. Она што нè обединува е тоа што сите сме студенти, а студентот треба активно да се посвети на своето студирање, притоа да не дозволи тоа да биде неправедно попречено. Секој од нас е повикан активно да се спротивстави на неправдата со која се соочува“, се посочува во соопштението.

Во дискусијата се јавија неколку студенти од различни факултети кои ги искажаа своите мислења, додека останатите дополнуваа. Присутните беа категорични дека екстерното тестирање не е мерка за квалитет и со овој чин им се одзема правото на образование и правото на автономност.

Протестот крајно решение – студентскиот собир без лидер и без изјави за медиуми

Собирот беше најавен пред два дена преку групите на социјалните мрежи, откако Министерството за образование и наука ги објави новите реформи во Законот за високо образование со коишто, според првичните најави, студентите од втора и четврта година ќе треба да полагаат државен испит за да се види каков е квалитетот на работата на факултетите. Студентите најавија дека ќе продолжат со средбите и дискусиите, а во иднина ќе излезат и со конкретен заеднички став.

Е.П.