На просторот покрај Техничкиот факултет во Битола, денес се одржа Студентски пленум на студентите од битолскиот Универзитет „Св.Климент Охридски“.
„На денешниот пленум избравме делегати од секој факултет, како и од средните училишта во Битола кои денеска овде имаа свои претставници. Делегатите имаат задача да ги запознаат своите соученици и колеги за активностите кои ги договараме на пленумот. Денес донесовме одлука нашите активности да ги синхронизираме со скопскиот Студентски пленум, а го договоривме и терминот за одржување на следниот пленум“, изјави за НОВА Борис Николески од Студентскиот пленум – Битола.
Своите пленуми студентите и средношколците и натаму ги одржуваат на отворен простор, бидејќи нивните барања упатени до Техничкиот факултет од Битола, како и до Технолошко-техничкиот факултет од Велес и Правниот факултет од Кичево кои имаат дисперзирани студии во Битола, останале без формален одговор.
„Немаме добиено никаков писмен одговор на нашите барања да ни одобрат пленумите да ги одржуваме во просториите на некој од овие факултети. Прашуваат кој е претседател на Студентскиот пленум, ни велат дека на барањето требало да стои негов потпис. Тоа не можеме да го направиме бидејќи ние така не функционираме, кај нас не постои класична хиерархија. На денешниот пленум имавме едни делегати, а веќе на следниот може да има сосема други“, вели Николески.
Николески потенцира дека Студентскиот пленум е автентична студентска иницијатива која се залага за солидарност, хоризонтална поставеност и остварување на студентските права и се бори против неправедноста и било какви партиски влијанија.
Следниот Студентски пленум ќе се одржи во среда, на 3 декември во 12 часот, на просторот пред Педагошкиот факултет во Битола.