Скопскиот Основен суд вчера им го продолжи притворот за уште 30 дена на четворица учесници во протестите од 5 мај пред Влада, соопшти судот.
„Основното Јавно Обвинителство – Скопје до Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави обвинителен предлог против 4 лица заради основано сомнение дека го сториле кривичното дело Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие од член 384 ст. 1 од КЗ, како и предлог за продолжување на мерката притвор. Предлогот е распореден кај надлежен судија, кој по ценење на фактите и доказите приложени во предлогот за продолжување на мерката притвор оцени дека се исполнети условите кои произлегуваат од одредбите на ЗКП и на три лица им одреди 30-дневен притвор, додека на едно лице му одреди притвор во отсуство која мерка ќе започне по негово пронаоѓање односно лишување од слобода од страна на МВР. Воедно, главната расправа за предметот по овој обвинителен предлог, со К.бр. 1563/15 го насрочи за 03.06.2015 година во 9.30 часот“, стои во соопштението на Основниот суд Скопје 1.
Денеска започнува судењето на деветтемина демонстранти кои учествуваа на протестите од 5 мај, меѓу кои има и студенти. Тие се осомничени за „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствие“.
Претходно, активистите од движењето „Протестирам“ во неколку наврати протестираа пред Основниот суд и побараа да бидат ослободени сите приведени и притворени демонстранти.
Протестите започнаа кога опозицискиот СДСМ објави снимени телефонски разговори кои наводно покажуваат прикривање и обид за релативизирање на убиството на Мартин Нешковски. По објавената „бомба“, голем број граѓани се организираа преку социјалните мрежи и се собраа пред Владата да протестираат, а собирот заврши со судир меѓу полицијата и демонстрантите.