Со спектакуларна церемонија на стадионот „Маракана“ во Рио де Женеиро беа отворени 31. Летни Олимписки игри, кои за првпат се одржуваат во Јужна Америка.
На свечената церемонија за отворањето доминираа три теми – екологијата, различноста и радоста. Повеќе од 35.000 професионалци беа вклучени во подготовките за настанот, но и 12 школи на самба со повеќе од 5.500 костими.
На игрите учествуваат 206 национални олимписки комитети со свои спортисти, годинава засилени со репрезентативците на Косово и Јужен Судан. Oд Македонија во Рио отпатуваа шест спортисти, а македонското знаме на отворањето го носеше пливачката Анастасија Богдановски.
Игрите за отворени ги прогласи привремениот претседател на Бразил Мичел Тимер, а олимписката заклетва ја даде бразилскиот спортист во едрење Роберт Шет, учесник на пет Олимписки игри. Олимпискиот пламен на стадионот го внесе поранешниот тенисер Густаво Куертен, а го запали бразилскиот маратонец Вандерлеј Кордеиро де Лима.
Свечената церемонија беше повод и неколку стотици демонстранти да излезат на протест во близина на стадионот, поради корупцијата во Бразил и високите трошоци за организација на Олипијадата.
Полицијата за нивно разбивање употреби солзавец и бомби со чад.
Medics on scene after police clashed about a mile from #Rio2016 stadium pic.twitter.com/FozYuw2VWu
— Ryan Broderick (@broderick) August 5, 2016
Протестите се продолжение на нестабилната политичка ситуација во Бразил, поради привременото отстранување на претседателката Дилма Русеф. Затоа многу шефови на држави или влади решија да не присуствуваат на свеченото отворање на игрите.