“Млади и медиуми – дигитална вечер” е насловот на петчасовното техно доживување кое вечерва со почеток во 23:00 часот ќе ги изненади љубителите на електронската музика, во малата сала во спортскиот центар Борис Трајковски.
Организаторите, Радио МОФ, Метаморфозис и Prime Info ги најавуваат LIVE настапот на берлинскиот техно артист Александер Ковалски и DJ настапот на загребскиот продуцент Петар Дундов, кои во Македонија се претставуваат за прв пат.
Покрај нив, на овој редок електронски музички настан кој ги спојува западно-европската и балканската музичка електронска продукција, ќе ги чуеме и Speedy од Белград, како и домашните ДЏ-и, Горан Кан и Виктор Апостолски.
Настанот има за цел да ги промовира комуникациските вредности на 21от век, како што се дигитализацијата, електронската музика, визуелизациите, новите медиуми, социјалните мрежи и другите форми на електронска и дигитална комуникација и продукција.
Во тој контекст, Радио МОФ ќе обезбеди видео пренос во живо преку интернет стрим, на следниов линк.
Влезници за настанот може да се набават на сите продажни места на www.mktickets.mk, по цена од 200 денари. Влезницата на врата ќе чини 250 денари.
Александер Ковалски од Берлин е еден од омилените артисти на музичките критичари кои овие години му доделија титули како најдобар продуцент, најдобар настап во живо и две номинации на “German Dance Awards”. Карактеристично за Ковалски е тоа што е фокусиран на настапи во живо и што продуцира познати ремикси за артисти како Paul Kalkbrener, Funk D Void, Agoria…
Петар Дундов доаѓа од Хрватска и важи за еден од најпочитуваните артисти на Балканот. Без сомнеж, Дундов е и еден од најуникатните продуценти на денешницата и еден од најпоитуваните на Балканот. Низ годините има настапувано на многу престижни светски фестивали како “I love techno”, “Exit”, “Awakenings”, “Wire” и во култни светски клубови како “Berghain”, “Matter”, “Womb”, “Air”, со огромна поддршка од Sven Vath, Laurent Garnier, Adam Beyer, Josh Wing, Guy J, Hernan Cattaneo.
Speedy доаѓа од Белград и e веќе познат на македонската техно публика, а се вбројува меѓу најзаслужните артисти за враќање на техно сцената во Србија.
Горан Кан и Виктор Апостолски ќе дадат домашна музичка поддршка, а за визуелизациите задолжени се Lazy Kidz Visualz.