Хаотична и тензична состоба владее во и околу Собранието. Влезовите се уште се блокирани од демонстранти кои дојдоа од протестите на „За заедничка Македонија“.
Во законодавниот дом беше исклучена струјата, откако претходно се слушнале татнежи од полициски шок бомби. Дел од новинарските екипи и повеќе пратеници беа блокирани во самата зграда на Собранието. Медиуми од терен информираат дека има нападнати новинари, меѓу кои од Телма и Радио Слободна Европа.
Неофицијално, откако упаднаа демонстрантите, во Собранието се повредени девет лица. Можеше да се забележи крв на лицето на Зоран Заев, Дамјан Манчевски, а неофицијално повредени се и Зијадин Села и Максим Димитриевски. Пратеничката Радмила Шекеринска беше влечена за коса.
МВР со писмено соопштение информираа дека специјалците работат на евакуирање на пратениците. „Денеска (27.04.2017) околу 18,50 часот граѓаните кои протестираа во организација на граѓанската инцијатива „За заедничка Македонија“, насилно влегоа во просториите на Собранието на Република Македонија. Во нарушувањето на јавниот ред и мир со повреди се здобиле неколку пратеници во Собранието и неколку цивили. При обидот да бидат спречени во намерата 10-тина полициски службеници се здобиле со повреди при што беа префрлени на скопските клиники“, велат од МВР.
Од таму дополнуваат дека во оперативниот штаб на МВР присутни се сите раководители – Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, Директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, Заменик Директорот на Бирото за јавна безбедност Бесир Деари, Помошници на министерот, Помошници на директорот како и останатите раководители-членови на Оперативниот штаб.
„Во Оперативниот Штаб 20:08 часот – Директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, издаде наредба на припадниците на специјалната единица да применат овластување и да создадат услови за безбедна евакуација на пратениците и воспоставување на нарушениот јавен ред и мир. Во 20:27 часот припадниците на специјалната единица влегоа во Собранието на Република Македонија и до 20:43 часот евакуирани се 30 пратеници. Мерки се преземаат и понатаму во Собранието“, стои во соопштението на МВР.