Компанијата Тесла го најави првиот електричен камион, со намера да ги замени камионите на дизел како најкористените возила за превоз на стоки.
Долго очекуваниот „Тесла Семи“, кој во САД ќе биде познат како камион со полу-приколка, може со едно полнење да помине 800 километри. Од компанијата соопштуваат дека ваквите камиони ќе почнат со производство во 2019 година.
Директорт Елон Маск истовремено го најави и најновиот автомобил „Роудстер“, за кој рекол дека ќе биде „најбрзо произведениот автомобил во историјата“. Автомобилот, на презентацијата, беше прикажан како излегува од приколката на електричниот камион, пренесува ББЦ.
„Роудстер“ ќе може да помине блиску до 1.000 километри со едно полнење и ќе развива брзина од 0 до 160 километри за 4,2 секунди.
Маск возилото го опиша како „удар за бензинските автомобили“. Возилото треба да биде достапно на пазарот од 2020 година.
„Тесла Семи“ би требало да достигне од 0 до 100 километри на час за 20 секунди кога би бил натоварен со 36 тони, максималната тежина дозволена на американските патишта.
Зборувајќи на сцената во седиштето на Тесла во Лос Анџелес, Маск објаснил дека „ќе биде различно од сите досегашни камиони кои некогаш сте ги возеле“.
Со електричните камиони, Маск влегува во конкурентен пазар со голема побарувачка. Според проценките, само во САД има околу 3,5 милиони возачи на камиони, кои доминантно се со дизел мотори. Тесла нема да може да конкурира на дизелот, додека експертите се сомневаат дека Тесла може да произведе доволно моќна батерија по разумна цена.
„Батерии кои можат да издржат 500 километри, чинат околу 200 илјади долари, што е многу поскапо од камионите со полу-приколки кои се напојуваат на дизел, кои просечно чинат 120 илјади долари за целото возило“, заклучува студија од Карнеги Мелон.
Според Маск, „Тесла Семи“ ќе можат да поминат околу 650 километри со 30-минутно полнење на еден од новите мега-полначи на Тесла.
Околу цената, компанијата соопштила дека „Тесла Семи“ ќе биде поефтин за возење од дизел конкурентите, кога ќе се земат во предвид трошоците за гориво и одржување, сепак тие не ја споделија цената по која ќе се продава поединечен камион.
Непрофитната групација Дизел технолошки форум, која ја промовира употребата на дизел, соопштила дека најавите на Тесла треба да се оценат во „контекст на реалноста“.
„Дизелот моторот со внатрешно согорување е енергетско најефикасен. Постигна доминација, како технологија избрана од индустријата на камиони повеќе децении и покрај конкуренцијата од други типови горива. Дури и денес, дизелот нуди единствена комбинација – докажана ефикасност на горивото, економичност, моќ, долготрајност, достапност и блиску до нула емисии“, велат од Форумот.
Освен што ќе треба да претставува конкуренција на дизелот, Тесла ќе се соочи и со останатите електрични ривали. Концепти за електрични камиони биле најавени и од Дајмлер, Фолксваген и Каминс – иако сите од нив покажуваат слаби перформанси во потенцијална километража со едно полнење.
Тесла очекува и дека дополнителна предност на нивна страна ќе биде вградените безбедносни елементи во возилата. „Тесла Семи“ ќе биде опремен со авто-пилот, кој ќе нуди неколку опции – од кои најважните се одржување на возилото во патна лента и забавување кога наидува на сообраќај.