Наместо да се намалува, „дивата депонија“ во Тетово дополнително се шири. На фотографиите и видеото кои вчера беа објавени од еколошката невладина организација „Еко Герила“, може да се забележи дека со купишта ѓубре е исполнет и целиот надвозник на влезот во градот, што досега не беше случај.
Аријанит Џафери од „Еко Герила“ во свој коментар за ситуацијата вели дека Тетово на посетителите им пружа најгрд можен пречек.
„Срамно е да ја имаме ‘дивата депонија’ на влезот во градот и после четири години на актуелната општинска администрација, а секако отпадот на мостот е најгрдото можно ‘добредојде’ во Тетово на сите нас“, смета тој.
Директорот на тетовското Јавното комунално претпријатие, Џељаљ Цека, во телефонска изјава не извести дека ѓубрето на надвозникот не било фрлано од тетовските комунални служби, туку од непознати камиони од други општини и дека веќе се чисти. Во врска со „дивата депонија“, тој информира дека набрзо ќе биде оспособена претоварна станица и уверува дека на крајот на април конечно ќе биде целосно исчистена.
„Се надевам дека до 15 април, максимално до 20 април ќе ја пуштиме во употреба претоварната станица. Работите финишираат. Потоа ќе ни бидат потребни 5 до 10 дена целосно да го исчистиме ѓубрето, кое веќе полека – полека почнавме да го средуваме, убеден сум дека до крајот на април комплетно ќе ја исчистиме депонијата“, вели Цека во изјава за Радио МОФ.
И покрај тоа што граѓаните на Тетово досега добиваа бројни ветувања дека ќе се обезбеди затворена станица за претовар на ѓубрето, ситуацијата со „дивата депонија“ остана иста. Ѓубрето од градот сè уште се носи на периферијата и се одложува на отворен простор. Од Општината, во август, минатата година, ни соопштија дека претоварната станица, каде на затворено би се складирало ѓубрето пред да биде транспортирано до регионалните депонии ќе биде готова за три месеци. Седум месеци подоцна ѓубрето се истовара на ист начин и на исто место – во близина на домаќинства и на само неколку километри од центарот на градот.
„Иако имаме безброј причини да бидеме скептични и да не поверуваме дека депонијата ќе се чисти, во исто време сакаме да ја причуваме таа мала искра на надеж дека поради локалните избори кои ќе треба да се одржат оваа година нешто конкретно ќе биде преземено и дека најпосле Тетово ќе биде град без депонија на самиот влез“, додава Џафери.
„Дивата депонија“ шири непријатна миризба и предизвикува опасност по здравјето на луѓето бидејќи ѓубрето често се пали. Изминатите години имаше повеќе протести од граѓаните кои живеат во близина кои тврдеа дека освен што купиштата ѓубре претставуват срам за градот, истоварот на отпад на тоа место е и незаконски.
Даниел Евросимоски