Во рамки на програмата на Охридско Лето 2014, на 1. август на сцената на „Антички Театар“ во Охрид гостува „Вока Пипл“ (The VOCA PEOPLE), сензационалниот перформанс на музичката комедија која комбинира восхитувачки и неверојатни вокални звуци.
Тие пред публиката ќе го претстават своето шоу кое ширум светот важи за незаборавно искуство кое ја спојува музичката брилијантност со многу хумор. Ансамблот кој потекнува од Израел претставува нов феноменален интернационален вокално-театарски перформанс кој ги комбинира восхитувачките вокални звуци и „а капела“ пеењето со уметноста на модерниот битбокс кој ги имитира звуците на цел оркестар – тапани, труби, гитари и други инструменти и музички ефекти. Сето ова „ВОКА ПИПЛ“ го прават без употреба на било кој музички инструмент на сцената, настапувајќи при тоа со хумористичен перформанс, анимирајќи ја и самата публика.
The VOCA PEOPLE на сцената презентираат нови музички аранжмани и нивна уникатна примена користејќи повеќе од 70 најпознати хитови, песни и мелодии на сите времиња. Нивното шоу освои огромен успех за многу краток период. За само 3 години тие имаа повеќе од 50 милиони прегледувања на „Јутјуб“ и распродадоа повеќе турнеи низ Европа, Северна и Јужна Америка и Далечниот Исток. Шоуто привлече повеќе од милион посетители низ светот и цела година беше дел од „Оф-Бродвеј“ театарот во Њујорк.
Во 2012 година ја освоија наградата „Locile Lortel award“ за „Извонредно алтернативно доживување“ која ја доделува „Оф-Бродвеј“ театарот во Њујорк, САД, а беа номинирани и за француската „Глоб де Кристал“ (Globes de Cristal) награда, во категоријата за „Најдобра музичка комедија на годината“.
The VOCA PEOPLE за себе велат дека се вонземјани кои потекнуваат од далечната планета „Вока“ на која главниот начин на комуникација не е говорот, туку пеењето, звуците и вокалната експресија. Нивното мото е „Животот е музика и музиката е живот“. Со впечатлив изглед во комплетно бели костуми, со исклучок на нивните црвени усни, тие патуваат низ вселената во нивниот вселенски брод кој е придвижуван единствено од моќта на музиката и не случајно пристигнуваат на планетата Земја која има огромен музички репертоар. Зад себе имаат бројни настапи ширум светот кои се препознатливи и по тоа што ја вклучуваат и самата публика во нивните изведби и додаваат или менуваат ритми во зависност од тоа во која земја настапуваат. „Вока Пипл“ се состои од 8 талентирани „музичари-вонземјани“; 3 вокали кои ги презентираат најдобрите женски звуци (алт, мецо сопран, сопран) и 3 машки вокали (бас, баритон, тенор). Дополнително, со нив се и двајца битбокс вонземјани со кои заедно создаваат перформанс од чудесни и несекојдневни звуци.
Влезниците за овој концерт се веќе достапни во продажната мрежа на МКтикетс, по цена од 600, 800 и 1.000 денари, во зависност од распоредот на седење.