Tретиот семинар од циклусот за демистификација на конопот што го организира здружението на граѓани Зелена Алтернатива ќе се одржи на 28 и 29 мај во Домот на АРМ во Скопје.
Учесници на овој семинар ќе бидат научници и доктори од Израел, Чешка, Шпанија, Канада, признаени како светски експерти на полето на канабисот, најавуваат од Зелената алтернатива. Голем дел од нив се членови на интернационални одбори на истражувачки центри и асоцијации за употребата на конопот. Тие ќе ги презентираат најновите сознанија од областа на употребата на канабисот и ќе ги споделат искуствата од нивната работа и истражувањата за лековитоста на конопот.
Главна и заедничка тема на овој семинар ќе биде употребата на канабисот во здравствената заштита, теорија и пракса.
„Со оглед на сé поголемиот број на граѓани на нашата држава кои го користат маслото од канабис, како здружение сметаме дека овој семинар ќе помогне да допреме до што повеќе граѓани и ќе допринесе за поголема едукација за тоа како правилно да се користи конопот. Со оглед на сé почестите заболувања на наши и ваши роднини, пријатели и познаници, веруваме дека на сé повеќе луѓе им е потребно маслото од канабис како за спречување и превенција, така и за лекување на повеќе болести и тегоби на ова модерно време“, велат од Зелената алтернатива.
Настанот почнува во 12 часот, а картите за влез се бесплатни.