Тргнува помошта за поплавените соседи, донирањето продолжува

Од Македонија кон  Србија и во Босна и Херцеговина денеска заминуваат десетици тони хуманирана помош што ја донираа македонските граѓани за своите соседи во поплавените подрачја.

[Галерија] Македонија покажува солидарност на дело

Конвоите кон Србија тргнуваат ппретпладнево, кон БиХ утревечер. Како што информираа од Црвениот крст само во нивната акцијата за собирање помош, до вчера во 17 часот на пунктовите во Скопје се донирани 20 тони прехранбени артикли, 10 тони хигиенски средства, 60.000 литри вода, 1.000 ќебиња, еден тон бебешка храна , три тони млеко, 10 тони облека, 1.000 пара обувки.

Преку телефоните за донација, заклучно со 16 часот вчера, се собрани над 60.000 евра. Финансиските средства кои ќе бидат собрани на телефоните за донација и на жиро сметката на Фондот на солидарност ќе бидат уплатени на сметките за помош на Србија и на БиХ на 31 мај. Во меѓувреме дел од активистите, во овој дел побараа македонската влада да се откаже од 18 отсто ДДВ за овие пари.

„На секои наши 100 денари, кои ние сме решиле да им ги подариме на оние на кои поплавата им уништи сѐ што граделе цел живот, нашата „добра“ Влада земаше за себе дополнителни 18 денари, па така ние плаќаме по 118 денари. Така било тоа според законот, но каде е тука моралот и етиката на Владата? На премиерот Груевски? На Ставрески? На Бесими? Зарем да наплаќате данок на нашата солидарност?! Нели е срамота на донација од 100 денари, која оди за деца кои останеле без покрив над глава, вие да земете 18 денари ДДВ за буџетот на Владата на Македонија, нели е?!“, пишува во отвореното писмо на активистот Џелал Хоџиќ, додека на социјалните мрежи се шири пораката „Владата на РМ да укине ДДВ за хуманитарна помош – донации“.

Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити изјави дека собирањето помош ќе продолжи и во наредните денови. Тој очекува поголем одѕив од фирмите и големите компании, имајќи предвид дека досегашните донации се претежно индивидуални од граѓани.

Донации собираа и повеќе неформални групи низ повеќе градови во земјава кои се организираа преку социјалните мрежи. Одзивот на граѓаните е голем, а групата За комшиите се работи! Хуманитарна акција!!! Заедно сме посилни!, за два дена има околу 3000 членови.

Како што синоќа јавувија српските медиуми, во приватните центри најпотребни се следниве работи:

донации

Согласно одлуката на Владата на Македонија, во првата интервентна фаза за помош на поплавените подрачја веќе се испратени 75 специјалисти за поплави од министерствата за внатрешни работи и одбрана и од Дирекцијата за заштита и спасување, 45 пумпи за испумпување на вода, 35 агрегати, девет чамци, 3.000 ќебиња и поширока палета на лекови.

Дополнително е овозможена помош со транспортен хеликоптер МИ-17 опремен со екипаж со специјални единици кои го опслужуваат за да се помогне во насока на справување со поплавите, како и испорака на електрична енергија. Србија од Македонија во наредните денови ќе добие и електрична енергија од 80 мегавати секој час.