Тројцата универзитетски професори во консултација со раководството на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија вчера донесоа одлука да го прекинат штрајкот со глад.
„ Во знак на добра воља и симнување на сите обвинувања на политичка заднина на целиот случај, одлучивме штрајкот со глад да го ставиме во мирување“ стои во заедничкото соопштение испратено до медиумите.
Од СОНК велат дека и понатаму ги подржуваат професорите и ќе продолжат со активности за решавање на нивниот проблем.
„ СОНК безрезервно ќе продолжи да ги поддржува и да презема соодветни мерки се додека не се реши проблемот со тројцата универзитетски професори, кој е создаден со скандалозно кршење и не почитување на оценките на рецензентските комисии, како и Решението на Државната просветна инспекција,“ се наведува во соопштението.
Универзитетските професори Крсте Шајновски, Маргарета Матлиевска и Александар Костадиновски 21 ден штрајкува со глад затоа што и покрај тоа што ги исполнуваа условите не беа избрани во повисоки звања, со што го изгубија работното место на Економскиот факултет во Штип.