Турција ја укина забраната, граѓаните добија пристап до Твитер

Судот во Анкара ја суспендираше одлуката на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган за забрана на пристапот на Твитер во земјата, неколку дена откако им беше забранет пристапот на турските граѓани до оваа социјална мрежа.

Твитер

Најавата на Ердоган дека ќе го „избрише“ Твитер од Турција предизвика низа остри реакции како во земјата, така и во светот.

Според официјалната верзија, судот го блокираше Твитер поради „жалбите на граѓаните дека социјалната мрежа ја крши приватноста“.

Турскиот телекомуникациски регулатор БТК соопшти дека побарал од Твитер да повлече одредени содржини и линкови од мрежата, но тоа не било сторено.

„Бидејќи немаше друг избор, пристапот до Твитер е блокиран во согласност со одлуката на судот, со цел да се избегне натамошната виктимизација на граѓаните“, се наведува во соопштението.

Твитер не ги почитуваше одлуките на турските судови и затоа властите во земјата го блокираа пристапот до таа социјална мрежа, а оваа мерка е внатрешно прашање на Турција“, изјави претходно во интервју за турските медиуми,  премиер Реџеп Таип Ердоган, а во пресрет на локалните избори во Турција кои ќе се одржат на 30 март.

„Тоа што ние го сторивме е наше внатрешно прашање. За тоа има судски одлуки. Зошто ЕУ го игнорира тоа што се случува во други земји? Нека се однесува со нас, онака како што се однесува со другите земји“, рече Ердоган.

Тој истакна дека стотици барања за укинување на налози и објави на Твитер доаѓаат од Франција, Германија, Велика Британија, САД, Русија, Индија, додека Турција сакала да затвори само два налози, но на барањето Твитер не одговорил.

Пристапот до Твитер во Турција беше блокиран на 20 март.

Извор: rt.com